Повлекувањето од Русија, западните компании ги чини 107 милијарди долари

Повеќе од 107 милијарди долари е загубата на странските компании кои поради инвазијата на Украина, ја напуштија Русија. Бројките се утврдени во анализата на „Ројтерс“, базирана на документи и на изјави од компаниите. Се работи за околу илјада компании кои се повлекле од руската територија, а неколку стотици сè уште работат на тој простор.

Во однос на август минатата година, загубите се зголемени за една третина, при што доаѓаат до израз размерите на финансискиот удар врз корпоративниот свет.

„Додека руската инвазија продолжува во услови на непостојана западна воена помош и се зголемува обемот на западните санкции, компаниите кои сè уште имаат намера да ја напуштат Русија веројатно ќе се соочат со дополнителни тешкотии и ќе мора да прифатат поголеми отписи и загуби“, рече Иан Маси, раководител на корпоративната разузнавачка служба EMEA.