ДПМНЕ во коалиција со партија што веќе го прифати Францускиот предлог

Обединети за Македонија (ОМ) на Љубе Бошковски своевремено се изразија позитивно по т.н. Француски предлог, како темел за решавање бугарско-македонскиот спор, вклучително и за вметнувањето на Бугарите во Уставот, а денеска ја озваничија коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ.

Најголемата опозициска партија деновиве излезе со предлог за уставни амандмани со одложено важење, односно промена на Уставот со затворање на сите поглавја во преговорите со Европската комисија. Сепак, коалицирањето со довчерашниот коалиционен партнер на СДСМ, фрла сенка врз решителноста на ВМРО-ДПМНЕ, дека оваа партија нема да подлегне на притисоците и ќе го промени Уставот на Република Македонија веднаш по изборите.

Еве што објавија од ОМ, во врска со Францускиот предлог:

На вечерашниот состанок на Претседателството на Обединети за Македонија, се донесе одлука за поддршка на т.н. француски предлог за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ, соопшти партијата.

„Билатералните прашања не се дел од преговорите. Со самиот предлог, се потврдува македонскиот национален идентитет и македонскиот јазик. Правото на самоопределување е една од вредностите на Европската Унија. Затоа, најискрено советуваме, пред да излезете да протестирате, да го прочитате документот кој е јавно достапен и самите да донесете заклучок, дали ќе ја поддржете радикалната левица која шири невистини и идеологија чиишто земји каде е на власт истата, се најниско рангирани во светот, или ќе продолжиме по европскиот пат како горди Македонци“, велат од Обединети за Македонија.