Левица поднесе иницијатива до Уставниот суд за поништување на основачките акти на фашистичкиот центар „Ванчо Михајлов“

  • Соопштение на Политичката партија Левица

Левица ги користи сите правни механизми за забрана на понатамошната работа на неофашистичките клубови, кои непречено од пробугарските СДС и ДУИ продолжуваат да шират иредентистичка пропаганда и да промовираат фашистичка идеологија, спротивно на Уставот, темелните уставни вредности и законот!

До Уставниот суд на Република Македонија, како орган надлежен за оценување на уставноста на статутите и програмите на здруженијата на граѓани, Левица поднесе Иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Статутот и Програмата на Здружението „Културен Центар Иван Михајлов“ – Битола, повикувајќи се на член 110 и член 112 од Уставот.

Во Статутот и Програмата на Здружението се наведува дека мисијата и целта на Здружението е промоција на животот, идеологијата, рехабилитирање и осветлување на ликот и делото на Иван (Ванчо) Михајлов.

Со ваквите програмски цели и мисија, дејствувањето на Здружението е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија и разгорување на национална омраза и нетрпеливост, но и кон негирање на слободното изразување на националната припадност на македонскиот народ.

Ова од причина што ноторен историски факт е дека според идеологијата на Иван Михајлов, македонската нација и јазик не постојат.

‼️Имајќи предвид дека Македонија е конституирана како национална држава на македонскиот народ, секоја форма на здружување и изразување насочени кон негирање на посебноста на македонската нација се директна иредентистичка закана за суверенитет и територијалниот интегритет на Републиката, па оттука неопходна општествена потреба и уставна обврска е истите да се забранат!

Очекуваме Уставниот суд да ја прифати иницијативата и да поведе постапка за оцена на уставноста и законитоста на оспорените акти, во која ќе донесе мериторна одлука со која ќе ги ПОНИШТИ основачките акти на Здружението „Културен Центар Иван Михајлов“ – Битола, како спротивни на Уставот.