Девет работници од Непал пристигнаа во Прилеп
Во текстилната индустрија во Прилеп пристигнаа девет работници од Непал, а се очекуваат уште десетина. Увозот на работна сила е во почетна фаза, но го отвора прашањето за состојбите со домашната понуда на пазарот на трудот.
Прилепските стопанственици наведуваат три причини за увозот на работна сила.
-Едната е дека што до овој момент тие немаат доволно квалификувана работна сила на домашниот пазар на трудот. Дуалното образование не ги даде посакуваните резултати во овој момент и, исто така, образовните процеси што ги имаме во државава не се адаптирани на барањата на постојното стопанство. Втората причина е дека и воопшто нема ниту неквалификувана работна сила. Значи, нема од каде да ги добиете идните работници за прво да ги преквалификувате, или, доквалификувате. Трета причина е слабата продуктивност на нашите вработени изјави Никола Мариноски, претседател на прилепската Регионална стопанска комора.
Слабата продуктивност, како што кажа, дополнително носи некомпетентност на компаниите, понатаму на европските пазари.