Промоција на стихозбирката „Како настанува црната“ од српската поетеса Марија Костиќ

Во среда 20.03.2024 со почеток во 20 часот во кафе-книжарницата „Буква“ ќе биде промовирана стихозбирката „Како настанува црната“ од поетесата Марија Костиќ, препеана од српски на македонски од Јулијана Величковска, издание на „ПНВ Публикации“.

„Постои фундаментално недоразбирање меѓу субјектот на стихозбирката „Како настанува црната“ и остатокот од светот: затоа таа забележува дека човекот е најосаменото место на планетата. Нејзината егзистенцијална ранливост и хиперсензитивност се поврзани со (авто)деструктивното, темното и мистичното во кои се рефлектираат убавината и неизбежноста на процепите, грешките и несовршеностите. Семејните односи заземаат централно место во тематскиот опсег на оваа книга. Лирската хероина, во истовреме и дете и родител, ги реактивира најразновидните сеќавања за нејзината мајка, татко, баба, дедо и сестра, разобличувајќи го прашањето за самореализацијата, но и за творечкиот чин“, пишува Катарина Пантовиќ за книгата.

Поетската збирка низ разговор со авторката ќе ја претстави Јулијана Величковска.

Марија Костиќ (1985, Белград) е дипломиран филозоф и магистер по политика и менаџмент во културата и уметноста. Нејзини песни се објавени во книжевната периодика, а во 2022 година ја објавила и нејзината прва стихозбирка „Како настанува црната“ (Књижевна радионица Рашиќ, Белград) за која има добиено значајни книжевни критики, а од книжевните критичари беше номинирана и за наградата „Меша Селимовиќ“, што секоја година ја доделува српскиот весник „Вечерње новости“. Нејзини песни се преведени на македонски и на француски јазик.