Мазут наместо гас поради анти-руската политика на власта

Анти-руските политики ја усложнија ситуацијата со испорака на природен гас кон Македонија. Министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека испораката на гас не е прекината, но дека ситуацијата е многу комплексна и не се знае каква одлука може да биде донесена деновиве во однос на испораките на природен гас од страна на Бугарија и Русија.

Според него, Бугарија не смее да направи прекин на транспортот на природен гас кон земјава, но во случај Руската Федерација да донесе одлука за прекин за испорака на природен гас во Македонија, понуди алтернативно гориво како мазут, компримиран природен гас или екстра лесно гориво.

Според изјавата на Бектеши, најголемата потрошувачка на гас е во зимските месеци, имајќи предвид дека природниот гас најмногу се користи за топлинска енергија. Во текот на зимскиот период потрошувачката на природен гас достигнува до 45 милион кубни метри месечно, а од јули до септември е 6 милиони.

Во текот на претходната година со системот за природен гас управуван од ГАМА беа пренесени вкупно 426 милиони кубни метри и тоа било најголемо количество на природен гас во системот за пренос од почетокот на неговата работа што претставува зголемување за 26 проценти во однос на пренесените количества на природен гас во 2020 година, односно изнесува над 53 отсто од вкупниот капацитет на системот за пренос на природен гас.