Можеби е Ајнштајн, но Џафери секако не е марсовец

Како претседател на Собранието, Талат Џафери, немал време да ја почне постапката за потпишување колективен договор со петте државни универзитети оти партиските тела веќе го известиле дека ќе биде премиер, а и неговиот наследник, новиот претседател, Јован Митрески имал рок од само 14 дена во кои не било возможно да ја заврши постапката. Техничкиот премиер Талат Џафери денес од Влада на посебна прес-конференција објаснуваше за неговите постапки како претседател на Собранието. Кажа дека  постапката е прекината поради распишувањето на изборите и ќе продолжи кога ќе завршат.

„Имајте предвид дека на 8 декември поради фактот што претходно на ниво на лидери се закажаа изборите за 24 април и 8 мај, партиските органи го именуваа Талат Џафери за премиер кој 100 дена ќе ја води Владата пред изборите. Затоа немаше можност претседателот на Собранието, номиниран за премиер, да успее да ги заврши формалните процедури на потпишување на договори. Немаше смисла за 30 дена да се овласти претседателот на Собранието и да дојде следниот претседател. На 28 јануари се прави промената на функцијата претседател на Собрание со претседател на Влада. На 28 јануари има нова влада, нов претседател на Собрание. Од 28 јануари  до 14 февруари, кога се прогласија изборите, има 14 дена. За 14 дена марсовец да сте не може да постигнете да потпишете соодветни акти“, рече Џафери.