ИНТЕРВЈУ СО АНЕТА МАНЧЕВСКА: Време е да ја вклучиме циркуларната економија ѝ во Македонија

Кога светот оди напред, креира политики за подобар и побезбеден живот на своите граѓани, Македонија се занимава со континуиран загаден воздух, депонии на отпад, како ѝ незаинтересираност од власта да воведе зелена и самоодржлива структура на здраво општество. 

На оваа тема, разговараме со економскиот аналитичар и Координатор на подсектор – Јавни Финансии, при сектор – Финансии на Левица, Анета Манчевска.

АНТРОПОЛ: Што е циркуларна економија и зошто треба да преминеме кон примена на истата?

МАНЧЕВСКА: Циркуларна економија (circular economy concept)  е модел на затворен круг во кој е вклучено производството на добра и производи, нивна потрошувачка, вклучува нивна повторна употреба со рециклирање на истите материјали и производи, притоа почитувајќи ги ресурсите и околината, обезбедувајќи висок квалитет на живот.

Оваа економија се темели на потребата од нови бизнис модели и иновативен дизајн на производите, употреба на материјали кои можат бесконечно да се рециклираат. Овој модел на користење на ресурсите и минимизирање на отпадот создава одговорно општество, добра волја и емпатија за човештвото. Со други зборови, во прехранбената индустрија ќе заштедиме материјали за амбалажа со што драстично ќе се намалат емисиите на јаглерод диоксид и други стакленички гасови, а индиректно ќе се намалат трошоците за здравствена заштита.

Замислете општество со зеленило, без отпад, чист воздух, здрави и среќни луѓе во него. Ете, тоа го нуди овој нов концепт, но дали ќе успее, многу зависи од личната иницијатива, интересот на компаниите, политичката поддршка, а најмногу зависи од подготвеноста на самиот економски систем.

АНТРОПОЛ: Дали сметате дека може да се поттикне економијата во Република Македонија за да усвои ваков концепт на циркуларна економија, и колку од земјите членки на Европската Унија го имаат прифатено ова?

МАНЧЕВСКА: Во Република Македонија се користи концепт на линеарна економија, базиран на системи со интензивна потрошувачка на природни ресурси, високи емисии, создавање отпад и неповолни влијанија врз животната средина. Сегашниот систем не е добар за бизнисот, луѓето и за природата. 

Република Македонија има природни ресурси, има добра клима, има потенцијал. Треба што е можно поскоро да се изготви Стратегија за циркуларна економија и да се донесат други правни акти за нејзино спроведување, да се дизајнираат финансиски стимулации за деловните субјекти, да се промовираат придобивките од циркуларната економија, државата да помогне на домашниот бизнис во воспоставување на партнерства со други компании во Европа и пошироко, со цел да се направи размена на знаење.

Верувајте, транзицијата кон овој систем е неопходен, иднината е во него, ете тоа може да го видиме во начинот на кој некои високо развиени и еколошки чисти држави, како што се Словенија и Холандија, го применуваат и живеат.

Еве, како најблиска земја во регионот, од која може да земеме пример за успех е Словенија.

Нивните компании кои извезуваат најлесно ја прифатиле транзицијата, не за да ја заштитат планетата, туку за да имаат конкурентска предност и да бидат конкурентни на меѓународниот пазар. Мислам дека во Макдонија има вакви компании кои инвестираат во деловни промени, иако не добиваат субвенции и поволности за креирање на еко производи, во бизнисот мораш да бидеш пред конкуренцијата за да имаш долгорочен профит. 

Морам да ги споменам ѝ малите бизниси, тие според мене се клучни за да се смени начинот на размислување, посебно тие кои работат во прехранбениот секторот. Кога ќе прифатат дека нивното производство не загадува и троши помалку материјали, има еко пакување и при продажбата, т.е. дистрибуцијата на истата создава помал отпад и може да се рециклира ќе почнеме да создаваме раст. 

Интересен е ѝ начинот на кој функционираат зелените јавни набавки на државно ниво, ама за ова ќе ви раскажам во некоја наредна прилика.

АНТРОПОЛ: Во Македонија има многу диви депонии на различен отпад и истите страшно ја загадуваат животната средина и здравјето на луѓето. Какво е вашето размислување на оваа тема? 

МАНЧЕВСКА: Многу треба да се зборува и да се работи на оваа тема. Покрај дивите депонии, во земјата се увезува многу повеќе отпад отколку што самите создаваме. Активистите од граѓанскиот сектор, со години наназад бараат да се забрани увоз на отпад кој се користи како извор на енергија. 

Повторно ќе ја споменам Словенија. Пред 15 години нивниот отпад се собираше на депонии. Денес, тие ја имаат најмодерната фабрика за управување со отпад во Словенија и една од најголемите во Европа. Преработува третина од словенечкиот отпад. Со неа управува јавно претпријатие. Количината на отпад што завршува на депониите е намалена за шест пати. Иако во циркуларната економија е поважно да се работи на спречување на создавање отпад, овој Центар стана пример за добра практика како да се управува со отпадот откако тој веќе е создаден.

АНТРОПОЛ: Се гледа дека си ја сакате својата земја. Што ќе и порачате на идната Влада околу ова прашање?

МАНЧЕВСКА: Сакам позитивни промени, сакам нашите деца да растат дома, сакам чист воздух и здрава домашна храна. Зарем ова не го посакуваме сите? 

Крајно време е да се освестиме и да ја прифатиме вистински транзицијата или нема да опстанеме.