Трамп е на чекор до обезбедувањето на номинацијата од Републиканската партија

Доналд Трамп е на чекор да стане официјален кандидат на републиканците за претседател на САД, откако викендов оствари серија победи на прелиминарните внатрепартиски избори во неколку сојузни држави, пренесуваат светските медиуми.

Поранешниот американски претседател вчера победи на прелиминарните избори во сојузните држави Мисури, Мичиген и Ајдахо, продолжувајќи ја со тоа својата доминација во таборот на републиканците и нивните поддржувачи.

Седумдесет и седумгодишниот Трамп номинацијата за претседател на САД од редовите на републиканците може да ја обезбеди уште наредната недела. 

Неговиот последен преостанат ривал во трката, поранешната гувернерка на Јужна Каролина Ники Хејли, сè уште се обидува да дојде до својата прва победа на прелиминарните избори, но шансите за нејзиниот пат до претседателска номинација се минимални со оглед на водството на Трамп.