Ванковска: Утре е престапен ден, па да престапиме и ние со 10.000 гласови
Утре е 29 февруари, престапен ден во престапна година, па си велам – може и ние ќе престапиме со 10.000+ потписи, вели Билјана Ванковска, кандидатка за претседател на Левица.
Уште од почеток знаев дека ќе ни требаат неколку дена да ги собереме потписите, но не се сомневав дека тоа ќе се случи. Но, со секој плус час вложен во собирање потписи од слободни луѓе кои сакаат промени, на кои им е доста од Курто и Мурто, покрај сета убава енергија, сведочам на една неверојатна агресивност и злорадост најмногу од овие што се спремаат да дојдат на власт. Таков презир покажуваат кон „обичниот човек“, па и кон „обичните кандидати“ кои се дрзнале да им земат од „азното“ (небаре од дедовците им е) – што утробата ти се превртува.
Така ли ја разбираат демократската политика и партиципативната демократија? Ние сите сме натрапници или нивни поданици, прашува Ванковска.
-Кој ова не го гледа во неговото настанување (ако не го спречиме, се разбира), тогаш е слеп.Ми велат зошто не го напаѓаш и спомнуваш Стево, СДС? Па што да спомнам, просто жал те фаќа да удираш по некој кој е во кома и кој извршил самоубиство на јавна сцена. А зошто пак овие во амокот на власта се фатиле со мене и со Левица/Девица?
-Ние ли сме им непријателот? Да, ние сме класниот непријател на олигархијата од каде и да доаѓа. И да, ние сме само заканата дека нема да можат да владеат апсолутистички. Ние единствени нема да одиме по амбасадите на консултации и брифинзи пред настапите во изборите. Ние немаме ограничувања за ваква или онаква коалиција. Ние ќе се бориме бескомпромисно – бидејќи немаме ништо да изгубиме освен синџирите во кои ни ја оковаа слободата и достоинството (да го парафразирам Комунистичкиот манифест).