Куманово доби мурал посветен на специјалците кои загинаа во Диво Насеље

Куманово доби нов мурал, кој е посветен на осумте припадници на специјалната единица „Тигри“, кои загинаа во вооружената пресметка со терористичката група во Диво насеље.  Муралот ја претставува акцијата на безбедносните сили под македонското знаме. Изработен е за два дена од членови на Здружението „Форма“ од Куманово.
 
„Помина многу време, сметавме дека хероите заслужуваат едно вакво признание. Посебно во ова турбулентно време кога ни се оспоруваат името, јазикот, идентитетот,  а тие ги дадоа животите во одбрана на Македонија“, изјави Горан Стојанов, член од здружението Форма Куманово.

На муралот е работено два дена, во негово креирање и создавање учествувале сите четворица членови на здружението: Горан Стојанов, Дејвид Стоилковски, Дарко Трајковски и Младен Трендевски. Финасиски се помогнати од неколку приватни донатори и компaнија за продажба на бои, која ги донирала потребните материјали.

Ова е второ обележје за загинатите припадници на полицијата-пред СВР Куманово на 23 август, роденденот на ЕБР беше откриено спомен обележје за прв пат по 8 години од терористичкиот инцидент.

Слободните уметници од „Форма“ имаат создадено повеќе мурали во градот и државата, кои го привлекуваат вниманието на јавноста. Освен нарачаните мурали за згради од јавни институции, тие самостојно работат и на приватни површини. 

Организатори се на фестивалот „Графити фест“ кој неколку години наназад работи на различни локации во градот, разубавувајќи го просторот и сивилото во градот.

Преземено од Куманово Њуз – Оливера Пешевска