Почетокот на патот на свилата со Игор Радев

Игор Радев, еминетниот филолог, лингвист, синолог и преведувач, кој дипломирал класични студии на Философскиот факултет во Скопје, магистрирал лингвистика и применета лингвистика, а докторирал кинеска филологија на Пекиншкиот Нормален Универзитетот во Н. Р. Кина, ќе го одржи првото предавање на тема: Почетокот на патот на свилата на 28.02 во салонот 19.19 во КИЦ, со почетокот од 19 часот и 19 минути.

Почетоците на Патот на свилата, како трансверзала, којашто ги поврзувала Источна Азија со Медитеранот лежат во првите две столетија од нашата ера. Тоа е епохата на кинеската династија Ха̀н (205 п.н.е – 220 н.е.), која токму во овој период, како последица на нејзиниот судир со Хуните, доаѓа во засилен допир со Централна Азија и подалечните предели на Запад, за што најзаслужни се експедициите на Чжа̄нг ‘Чје̄н (†114 п.н.е.) и Ка̄н Јӣнг (преод на I и II век н.е.), чија, пак, дипломатска мисија го води се до Месопотамија на прагот на Римската Империја.

Со ваквите контакти отворен е Патот на свилата што ќе ги сврзе дотогаш регионалните патни и трговски мрежи во еден глобален систем, во чиј склоп „меѓународни“ стоки, како свилата, ќе влијаат врз економската рамнотежа на просторите од Кина до Рим. Воедно и знаењата на разните цивилизации едни за други ќе нараснат, што ќе го видиме од една страна во делата на Страбон, Плиниј и Птоломеј, а од друга, во тогашните кинески историографски сочиненија како Историските записи на Сӣ’ма̌ ‘Чје̄н (145-90 п.н.е.) и Книгата на Подоцнежниот Ха̀н.

Патот на свилата овозможува и меѓусебни културни оплодувања олицетворени во такви феномени како „хеленистичкиот будизам“ од северозападот на Индискиот потконтинент и Средна Азија, но и пластичната уметност од Гандара, која во своевиден триаголник ќе ги спои хеленистичките естетски идеали со оние на Индија и Кина.

Историски куриозитет претставуваат извештаите за трансконтинентални патувања, како она на Маес Титијан, кој, опишан од Птоломеј како „маж Македонец“, е првата забележана личност од Медитеранскиот свет, којашто има отпатувано сѐ до Кина.

Влезот е бесплатен