Фондот не дава пари, Леонид ќе се лекува со донации

Леонид Индов не е во животозагрозувачка состојба, а ако бил, Фондот за здравство ќе му дал помош во рок од 24 часа. Ова беше кажано на денешниот брифинг со новинарите во Фондот за здравство.

Директорката на Фондот, Магдалена Филиповска Грашкоска, рече дека во врска со лекувањето на Индов морале да донесат одлука врз база на непотполни документи што ги добиле од Лекарската комисија која била задолжена за проценка на состојбата на Леонид. Таа вели дека во конзилијарното мислење не била наведена интервенција која го упатува детето во странство.

Објаснувајќи дека не е медицинско лице, Филиповска Грашкоска рече дека наводно во Македонија ги имало сите услови за третирање на болеста на Леонид како во Австрија, но таа не знае каде може да се добијат тие здравствени услуги.

Претседателката на лекарската комисија која го водела случајот на Индов, д-р Сања Петрова не дојде на брифингот, иако била поканета.

– Не даваме пари ни за рехабилитација во Македонија. Има четири случаи за рехабилитација од овој тип досега. Параплегија не се лекува, Фондот дава пари само за лекување, а ова е само за рехабилитација, па не може да даваат пари за лекување за такви состојби. Болницата е клучниот проблем бидејќи не објаснила добро, па Фондот нема поим и не е виновен – рече Филиповска Грашкоска.

Таа објасни дека кај Индов се очекува да се прави рехабилитација која содржи стимулација на дијафрагма, електростимулација, говорни вежби, шема за дефекација, трансфер и инвалидска количка.