Изложба на дела од 37-то издание на Меѓународната ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“
Утре (20 февруари 2024 година), во Домот на културата во Виница, со почеток од 12:00 часот, ќе биде отворена изложбата на дела од 37-то издание на Меѓународната ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“, која се одржа во периодот од 20-27 јуни 2023 година во манастирскиот комплекс „Свети Јоаким Осоговски“ кај Крива Паланка.
Во работата на оваа препознатлива ликовна работилница твореа 13 ликовни творци од: Швајцарија, Турција, Словенија, Полска, Бугарија и Македонија и тоа: Владимир Темков, Стефан Хаџи Николов, Мирослава Трујикановиќ, Валентина Илиевска и Дејан Иванов – Маргуш од нашата земја; Дина Банингер од Швајцарија; Ѓонул Нухоглу и Демет Јалчинкаја од Турција; Мојца Фо од Словенија; Катаржина Ортвејн од Полска и Георги Андоном, Иво Јорданов и Теодора Христова од Бугарија. Уметниците создаваа и креираат, инспирирани од амбиентот на манастирот по слободна креација, без тематска рамка со што дојде до израз слободата во творештвото и индивидуалниот естетски стил на секој творец.
Создадените ликовни дела се работени со различни стилски ракописи, во различни техники, во што доминира акрилот и маслото на платно. Организаторот на колонијата е задоволен од вредносното и естетското ниво на создадените дела, како израз на културната конфронтација на уметниците кои доаѓаат од различни култури, и оценката е дека делата носат печат во контекст на современото европско уметничко творештво.