АктуелноЛокално

,,Левица” со кривична пријава против Груби за противправно стекнување имот

Политичката партија ,,Левица” во денешното соопштение до јавноста извести дека поднела кривична пријава против потпретседателот на Владата, Артан Груби за ,,Противправно стекнување и прикривање имот”. Нивното соопштение ви го пренесуваме во целост:

– Ја известуваме јавноста дека денес (15 февруари 2024 година), Правниот сектор на Политичката партија Левица, до Основното јавно обвинителство – Скопје, поднесе кривична пријава против потпретседателот на Владата на Република Македонија – Артан Груби од ДУИ, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „Противправно стекнување и прикривање имот“ – казниво по чл. 359-а, ст. 1 од Кривичниот законик на РМ, со запретена парична и затворска казна од шест месеци до пет години.

Пријавениот се терети дека – во својство на овластено службено лице, како вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците во Владата на РМ – не го пријавил опожареното возило „Ауди“ во својот Анкетен лист, иако – како избрано или именувано лице, т.е. јавен функционер бил должен тоа да го стори во законски регулирана постапка предвидена пред Држвната комисија за спречување на корупцијата.

Со цел да го прикрие Аудито, тој свесно и со умисла не го навел во Изјавата за имотната состојба и со помош на лицето Беким Лимани, во својство на помагач, возилото го завел како сопственост на Лимани – против кого исто така е поднесена пријава за „помагање“ сторено преку однапред ветено прикривање на кривичното дело, што е казниво по чл. 24 од КЗ.

Очекуваме, надлежното ОЈО – Скопје, сериозно да ја земе во работа оваа наша издржана кривична пријава и по неопходниот распит на пријавениот и сведоците, како и по професионалното комплетирање на целокупната релевантна документација за овој кривичноправен настан, да покрене обвинение против актуелниот министер, со што еднаш-засекогаш би се ставил крај на сè позачестената злоупотреба која се прави од недопирливите јавни функционери на власта, во однос на прикривање на нивните реални имоти и противправно стекнати богатства, стои во објавата на нивната страница на ,,Фејсбук”.