Наместо честитка за учителите

  • Колумна на Жаклина Свеќаровска, член на ЦК на политичката партија Левица

Пред 1159 години светите браќа Кирил и Методија им ја подариле глаголицата како и преводот на основните црковни книги преведени на првиот книжевен јазик на Словените, старословенскиот. Старословенскиот јазик е втемелен на говорот од Македонците кои живееле во околината на Солун, факт кој ниту еден сериозен славист не го порекнува, ниту може да се порекне исто како што не може да се порекне дека православната црква била основана и егзистирала во Македонија уште од почетоците на христијанството. Македонскиот народ секојпат се однесувал со пиетет кон честа што токму македонскиот јазик е вѕидан во темелот на првиот книжевен јазик на Словените, а кон тоа што Охридската книжевна школа била плоден расадник на словенската книжевна традиција.

Денес, за жал, големината на тој историски момент е засенет од политичката неписменост на корумпираните балкански политичари кои борејќи се околу тоа кој ќе го чествува, го обесчестија  светлиот спомен на Браќата!

Повеќе од вулгарна е и самата помисла да се преговара и разговара околу тоа чиј празник е 24 Мај и чии светители се Кирил и Методија! Исто како што светлината на светилникот им припаѓа на секој брод среде морските бранови, без оглед на чиј брег е изграден, јасно е дека нивното дело е сесловенско, како што е јасно дека коренот им е македонски.

Денешната политика на старата блудница, Европа, која е наводно немоќна пред ветото на Бугарија, а во суштина неволна да ѝ го признае местото кое на Македонија по раѓање ѝ припаѓа, поддржана од црковните власти на севселенската, а всушност грчка црква дополнително дува во огнот на безумието!
БПЦ објави дека од 23-ти мај до 25-ти мај 2022 година, со благослов на бугарскиот патријарх Неофит, а со дозвола на Вселенскиот патријарх Вартоломеј и Свештениот Кинотис на Света Гора, во Софија ќе пристигнат и ќе бидат изложени светите мошти на рамноапостолските браќа Кирил и Методиј, а бугарскиот претседател Румен Радев e еден од првите кои ги пречекаа!
Aкo кон ова се додаде и тоа што бугарските власти предминатата година го преименуваа овој празник од: 24 Мај – Ден на бугарската просвета и култура и на словенската писменост во: 24 Мај – Ден на светите браќа Кирил и Методиј, на бугарската азбука, образование и култура и на словенската литература, станува јасно дека дејствувањето на Бугарија во насока на присвојување и етничко обојување на Кирил и Методија на ваков начин бидува дополнително охрабрено, во склад со дневните политики, а спротивно од историските факти.

Македонските власти свесно ги премолчуваат и ги заташкуваат овие случувања. Не само што изостанува реакција од нивна страна, туку изостанува и соодветен медиумски третман од страна на мејнстрим медиумите. Ним очигледно не им е свето ништо, освен неограничената глад за власт, при што основен концепт на владеењето изгледа дека им е единствено да остварат што поголем личен бенефит, па без разлика со што лицитираат!