Некогаш левичарите беа глобалисти, додека конзервативците беа суверенисти, сепак, денеска позициите се дијаметрално спротивни, констатира професорката Билјана Ванковска, кандидат на Левица за претстојните претседателски избори.
– Светот е „ап-сајд даун“, би рекле наопаку поставен. Ова е орвелијански свет во кој велат мирот е војна, а војната е мир. Сега тука веќе таблата се менува и реториката и тие квалификации не важат. Мораме да се сослушаме, а не ставиму некому етиката и готово тој нема право веќе да ја каже позадината на тоа твое тврдење. Така што да ја сум суверенист во смисла на тоа дека Македонија не смее да биде колонија и ова што ни го приредија во овие 30 години е нешто што ни една генерација нема да ни го прости, вели Ванковска.
Во интервјуто дадено за Слободен печат, таа говореше за својот однос кон договорите што ја дефинираат внатрешната и надворешната позиција на Македонија, сметајќи дека рамковниот, преспанскиот и договорот за добрососедство се штетни за нашата земја. Што се однесува до НАТО, таа вели дека е исклучиво против членството на Македонија во било каков воен сојуз. За Европската Унија, Ванковска вели дека ѝ недостасува демократски капацитет, иако не ја отфрла идејата за наше полноправно членство во Унијата.
На прашањето дали е антиалбански кандидат, таа порача дека е космополит, а ги демантираше и гласините дека е дел од плановите на Руската Федерација.
Таа ги осуди и шпекулациите дека зад нејзината кандидатура во позадина стојат поголемите политички партии.
– Некој не спиел па шпекулирал дека СДСМ ќе ми ги собере потписите, а други тврдат ВМРО ми ги собира потписите за да потоа во вториот круг ја вратам поддршката – истакна Ванковска.