За САД е нереално Украина да добие покана за членство во НАТО

Амбасадорката на САД во НАТО – Џулијан Смит изјави дека е нереално да се очекува Украина да добие покана за членство во НАТО на самитот на Алијансата, кој во јули ќе се одржи во Вашингтон. Украина, според сите проценки, и годинава ќе остане без покана за НАТО.

Смит изјави дека не се очекува Киев да добие покана за членство на претстојниот самит на НАТО, кој треба да се одржи од 9 до 11 јули во Вашингтон.

„Кога станува збор за самитот што ќе се одржи летово, не очекувам дека Алијансата ќе издаде покана во овој момент“, рече Смит, пренесе Ројтерс.

Таа додаде дека од самитот одржан во Вилнус во јули минатата година, НАТО презеде голем број чекори за да ѝ помогне на Украина, која беше нападната од Русија во февруари 2022 година. НАТО, вели американската амбасадорка во НАТО, му помогна на Киев во реформите кои се неопходни за евроатлантските интеграции.

„Продолжуваме да се фокусираме да ги поддржиме во нивната борба и да обезбедиме победа на бојното поле“, заклучи Смит.

Пораката на американската амбасадорка во НАТО е нов ладен туш за Киев. Голем дел од членките на НАТО не ја сакаат Украина како членка бидејќи стравуваат дека тоа би ја разбеснило Русија. Во неодамнешното интервју со Такер Карлсон, рускиот претседател Владимир Путин рече дека Москва не може да го прифати евентуалниот пристап на Украина во НАТО бидејќи го гледа како безбедносна закана.

Потсетуваме, „Иднината на Украина е во НАТО“, изјави претходно Генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, за време на неговата посета на Киев. Денешните изјави на лидерите на алијансата се сосема спротивни од овие претходните, се отвора прашањето „Дали НАТО ја пушти Украина низ вода?“