Левица: Бесплатно високо образование е возможно во Македонија

  • Политичката партија Левица започна со општествено одговорна кампања, во која споделува како останатите земји од светот ги решава проблемите со кои се соочуваме во нашето општество. Од партијата со оваа кампања имаат за цел да покажат дека многу решенија за проблемите со кои се соочува народот и државата има едноставни решенија, но недостасува политичка волја, статус кво, кое може да се промени единствено со зголемување на политичката моќ на партијата. Денес тие споделија како во Германија се решава проблемот со платеното високо образование. Во прилог соопштенито од Левица:

Германија ја укина школарината, односно партиципацијата за студентите на додипломски студии во 2014 година. Одлуката беше донесена од германската влада, поточно од покраината Долна Саксонија, која прва ја елиминираше школарината. Потоа, другите покраини го следеа примерот, а до зимскиот семестар 2014/15 година, сите државни универзитети во Германија престанаа да наплаќаат школарина за програми за додипломски студии. Овој потег имаше за цел да го направи високото образование подостапно и да ги намали финансиските бариери за студентите.

Денес во повеќе земји ширум светот, а особено во земјите од ЕУ, домашните студенти се ослободени од трошоци за студирање и тоа од додипломски до докторски студии. Целта е да се обезбеди социјална кохезија, економски раст, квалификувана работна сила, зголемен пристап до високото образование, еднаквост и социјална мобилност, да се намали финансискиот товар на студентите, односно да се воспостави квалитетно високо образование базирано на интелигентниот, а не на финансискиот капацитет на граѓаните.

Левица се залага за воведување на целосно бесплатно високо образование, т.е. потполно јавно субвенционирано високо образование, со укинување на партиципациите и школарините за студентите.