Во држава што пропаѓа прва страда екологијата

  • Пишува Игор Смилев – еко активист и Координатор на Левица – Зелен Сектор

Ако крајот на годината треба да биде некаков лајт мотив за подвелкување на црта, под успесите на еден естаблишмент и реализираните политики во одредена област, тогаш ние во Македонија, слободно можеме да седнеме на првиот тротоар и како бездомни дечиња да си поплачеме мафтајќи со ножињата.

Бескрајниот ужас, епската неспособност на Ќурковци кои ги заменија неспособните Црпковци, секако долго ќе биде тема во колективната меморија на Македонецот, за времето во кое неспособноста беше видлива со голо око и дополнително ги уништуваше нашите животи.

Иако првичната намера ми беше стручно да спорам со некои еколошки политики, досега преземени од страна на одродената и неспособна влада на СДС на Нашата земја и ДУИ, тоа задоволство ми е оневозможено од проста причина што оваа неспособна влада едноставно НЕМА политика за заштита на животната средина.

Ќе беше добро ако барем  се следеше некаков претходен курс кој обезбедуваше некаков минимум за заштита на животната средина, но и тој, и таквиот курс веќе е дамнешно минато за Македонците.

Скандал до скандал, резил до резил, срамота до срамота! Тоа е се што на полето на Заштитата на животна средина СДС на нашата земја и ДУИ им го понудија на своите (со)граѓани!

Девастирано Скопје, искасапено Водно, измасакрирани и загадени реки и речни корита, бесправна и непланска изградба на секој чекор, распродажба на државни земјишта во заштитени подрачја, Тетово претворено во кочина што се дави во сопствениот смет, поранешни рударски окна кои се користат како креативни алтернативни решенија за нови и нови регионални депонии, не се ништо друго туку тажното секојдневие на Македонија во сферата на екологијата.

Влада што освен од својот народ, успеа да се одроди и од природата НУЛА би била најкусата дефиниција за владеењето на владата на СДС и ДУИ!

Министерство за животна средина кое едвај живурка, додека партиските босови на „Зелените Интегративци“ трупаат рушвет и рекетираат се што зависи од нивниот потпис, нефункционален и уплашен Инспекторат за животна средина кој покрај тоа што не поседува доволен број на инспектори, не поседува ниту возила со кои би стигнале на рандом место на кое е потребно да се изврши било каков увид.

Тажните состојби со неспособноста, со себе носат и тажни исклучоци кои се прелеваат и на локално ниво. Така, јавашлукот на неспособната влада на полето на заштитата на животната средина, веќе е пренесен и во општините, кои иако се водени од кадри на „опозицијата“ со својот индолентен однос кон природата, воопшто не заостануваат зад неспособноста на државата.

Идиотски мерки од типот на субвенционирање на инвертори за домаќинствата, укинување на институтот Мерење на амбиенталниот воздух поради недостаток на мерни станици, немање никаков план за третман на отпадните води и немоќ пред екстремната загаденост на амбиенталниот воздух, за жал стана основа на владеењето со општините во Македонија.

Згора на се, во однародената и еколошки неписмена Влада, коалиционен партнер е и „Дом“ – Партија на зелените , која внесува дополнителни црнила во вкупната трагичност на еколошкиот момент во земјата.

Слушнал ли некој некогаш, Маја Морачанин да направила било што за подобрување на животната средина во Македонија, во Скопје, во Берово…било каде! Сличниот на сличниот му се радува, а неспособната Маја Морачанин им се радува на неспособните Ќуре Ковачевски и Алекса Антиќ алијас Али Ахмети.

Во недостаток на убави вести од доменот на заштитата на животната средина, сепак ќе пронајдам една: Неспособниот министер за животна средина во „Македонската Влада“од пред некое време го користи македонскиот јазик, ама и тоа е џабе кога нема што да ни каже.
 
Размислувајќи како да го завршам поразителниов текст за поразителниот третман на една поразителна влада во поглед на Заштитата на животната средина, одлучив тоа да биде со една шега, извадена од  Планот за забрзан економски раст 2022-2026 на СДС на нашата земја 

Во рамки на новиот активизам, екологијата и зелената транзиција, за прв пат ќе бидат емитувани Зелени обврзници. Зголемено финансирање за подобрена енергетската ефикасност, намалување на загадувањето, олеснување на управувањето со отпадот, поддршка на одржливото земјоделство и многу други еколошки прифатливи проекти.

Во Развојната банка ќе се формира и Фонд за енергетска ефикасност кој меѓу другото, ќе биде наменет за финансирање инвестиции во енергетска ефикасност и обновлива енергија во јавни згради. Посебен “Зелен инвестициски фонд” ќе се воспостави за поддршка на инвестиции во големи претпријатија и инфраструктура во приоритетни сектори на Европскиот зелен договор.   

Ххахахаххахах – слатко и искрено се изнасмеав.
П.С. Сакав да извадам и некоја шега од некаков план на зелената ДУИ, но не бев во можност бидејќи оваа партија која дваесет години живее на државна цицка и парите на македонските граѓани, сеуште не не удостоила со превод на својата веб страница на Македонски јазик.

Ваш Игор Смилев
Еколошки активист
Претседател на Е.Г. Грин Пауер
Член на ЦК на Левица и советник во Општина Велес.