Промоција на романот „Сѐ уште можам нешто да сторам“ во Културно информативен центар – Скопје

На 8 февруари (четврток) со почеток од 19 и 30 часот во Културно информативен центар – Скопје, Салон 19.19 низ разговор на новинарот Васко Поппетревски со авторката Фросина Пармаковска ќе ви биде претставен нејзиниот најнов роман „Сѐ уште можам нешто да сторам“.

„Сѐ уште можам нешто да сторам “ е роман за денешнината, за реалноста која е таква каква што ја гледаме, таква каква што ја живееме со сите недостатоци, предизвици и последици од стапиците што ни ги носи современото живеење.

Како и во другите романи на Пармаковска, и во овој се доминантни психологизацијата на главниот и останатите ликови од една страна, но и личните подеми, падови и резултирачкиот раст, созревање на главниот лик од друга страна. Ова е роман за суштинската промена однатре, промена која настапува како резултат на силни и длабоки потреси, искрени соочувања со себеси, долги разговори во себе низ бројни непроспиени ноќи, роман за чудесното, соништата и постојаното поместување на границата помеѓу тие два света: реалното и чудесното, посочува издавачот.

Фросина Пармаковска е родена во Скопје, 1985 г. Дипломирала на Филолошки факултет, катедра за Општа и компаративна книжевност. Магистрирала на Институт за македонска литература, на Културолошки студии. Авторка е на романите: „Пишувајќи ги изгубените топки“, „Вишнова хроника“, „Одбројување“ (роман на годината за 2017 г.) и „На враќање“.