Урбанистички лажги (со опашки)

  • Пишува: Андреа Јанков, Mагистер инженер архитект – Координатор на Сектор Урбанизам при Левица. 

Деновиве, со сета своја актуелност, „блеснаа“ 3D прикази, односно „рендери“ за потенцијалниот изглед на објектите на локацијата кај поранешна Алумина, во сопстевеност на Пуцко Петрол. И тука имаме кули, кровни градини, вертикални шуми по примерот на Bosco Verticale на  Studio Boeri во Puerta Nuova во Милано, партерни зеленила, денивелации и (навидум) иновативни сообраќајни решенија. Накратко, убава сликовница…

Вакви убави сликовници ни се продаваа и во 2009 година, за тогашниот мегаломански проект Скопје 2014, проект кој го смени ликот на градот (во негативна смисла). И под негативна не подразбирам естетска (за вкусови не се расправа), туку урбанистичката смисла, односно поставување на обејкти каде не им е местото, мешање на функции, излегување од параметри зададени по правилници и прилагодување на законите, правилниците и ДУП-овите врз основа на „што је баби мило, то се баби снило“. Иста таква сликовница ни ги „продаде“ и кулите кај Холидеј Ин. Патем, исто така со вертикално зеленило.

Но, она што нема да ни го покажат џиџаните рендери со убавите слики на блескави згради , бидејќи архитектурата, а особено урбанизмот, се нешто повеќе од убави слики. Архитектурата и урбанизмот пред се се бројот на луѓе и возила кои треба да го окупираат овој простор. Тоа е опфатено во „досадните“ табели и текстуален дел даден во општите и посебни урбанистички услови од ДУП-от.

Од нумеричките показатели, површината предвидена за домување по ДУП изнесува 3,13ha (2,60 по ГУП), односно 313.000,00m2, додека онаа за комерцијални намени 2,19ha (наспроти 2,72 по ГУП), односно 219.000,00m2. Бидејќи бројот на возила се пресметува по бруто развиена површина, а едно паркинг место се предвидува на 80m2 стнабена, ондосно 60m2 деловна намена, тоа значи дека имаме потреба за паркирање на 3.913 возила за задоволување на параметрите за станбениот дел и 3.650 за деловниот дел. Вкупно 7.563 возила кои ќе треба секојдневно да влегуваат и излегуваат од новопланираната населба. За истите, само за паркирање и пристап ќе биде потребна површина од 2,65ha (265.000,00 m2). Главната сообраќајница ќе биде истата на која излегува и Треска, односно булеварот Теодосиј Гологанов, кој транзитира низ Карпош и Центар само за да заврши слепо кај Нова Македонија, затоа што токму поврзаноста со сообраќајницата под Дајмонд на Лимак (уште еден архитектонско-урбанистички „бисер“) сеуште не е во функција.

Ако ги претвориме бројките од бруто површината во нето, добиваме ~235.000m2 во станови и ~165.000m2 деловен простор. Доколку ги земеме во предвид само становите, тоа се ~4.500 станови, или барем исто толку семејства. Според семејниот состав, најмногу (43%) од нив се брачни парови со најмалку едно дете под 25 години што живее со нив, додека 31% се брачни парови без деца. Земајќи во предвид дека според Заводот за статистика, просечното македонско семејство брои 3,1 члена, тоа се 14.000 нови жители на Карпош и Скопје. 14.000 луѓе без предвидно училиште, градинка, амбуланта. Врз основа на овие параметри, само за училишта и градинки е потребен капацитет од 2.000 ученици.

За потсетување, токму во тие урбанистички показатели, предвидено е 0,00m2 зеленило, парковско или заштитно, сеедно, 0,00m2 за спорт и рекреација, 0,00m2 за јавни институции. А, поради инфантилната замисла наречена „линиски центри“, објектите кои се наоѓаат во зоната на 25 метри од булеварите, не влегуваат со своите параметри во целата пресметка, со што дополнително се усложнува работата.

Урбанистичките параметри на страна, она што може да го забележиме на решенијата, како нешто што стана тренд во архитектурата, па истото е употребено и кај станбените згради кај Сити Мол, кај зградата кај мајчин Дом, и кај кулите кај Холидеј Ин, се тн. кровни или вертикални градини. Колку и убаво да изгледаат на слика, истите се непрактични од повеќе причини:

– Скопје е град со над 280 сончеви денови, и под директна изложеност на сонце, ваквото зеленило бара енормни колични на вода, што го прави целосно нееколошко решение,

 – Вегетацијата во вакви услови би била ниска, а не велелепни дрвја со висина на секвоја, како што љубат колегите да прикажат,

– Тежината на земјата од овие градини би го поскапил чинењето на објектите, поради зголемената потреба за носивост на конструктивниот систем,

– Изолацијата потребна за изведба на вакви структури е прескапа и инвеститорите брзо се откажуваат од идејата. Во најдобар случај би добиле некоаја слободностоечка саксија или вештачка трева, со што се губи смислата на вертикалното зеленило,

– Во Македонија не постојат фирми кој би го одржувале ваквото зеленило, и во услови каде куќните совети не можат да се договорат да соберат пари за смена на сијалица, поправка на лифт или одржување на хигиена во влезот, утопија е дека би можеле да го одржуваат ова зеленило и истото би било со краток век.

Од приложеното, се гледа дека ваквите решенија се непрактични, неостварливи и подобни само за студентски вежби, и истите служат само за „мачкање на очи“ на јавноста (па дури и на професионалната јавност, судејќи од воздишките кои беа измамени од некои колеги). Старите рекле, кој лаже, тој краде, спие на таван и има вошки… Па ако е така, зошто да се лажеме?!