Средношколски фронт: Матурантите се измамени од страна на Сојузот во врска со државната матура

Матурантите се чувствуваат измамено од страна на Сојузот за средношколци, затоа што договорот што е постигнат е далеку од барањата што ги имавме ние матурантите, велат од движењето Средношколски фронт за „Слободен печат“, во врска со договорот кој го претстави лидерот на Средношколскиот сојуз Бленди Ходаи, заедно со премиерот Зоран Заев.

Според Средношколски фронт, без разлика на тоа што се прифатени други барања на матурантите, основното барање за полагање на два наместо четири предмети не е исполнето.

Нашата цел и барање беше да се намали бројот на предмети за полагање за да се олесни спремањето за матурата поради пандемијата и нејзините последици врз образовниот процес. Која е разликата што нема да биде екстерен, туку интерен предметот, кога на крајот на денот исто ќе се спремаш и повторно ќе имаш 4 предмета – потенцираат од Средношколски фронт.