На босанската писателка Лана Басташиќ и е откажан настап на книжевен фестивал во Австрија поради ставот за Газа
На босанската писателка Лана Басташиќ, која претходно овој месец ја прекина соработката со германски издавач поради „молкот за Газа“, ѝ е откажана поканата од книжевен фестивал во Австрија, објави Лана на Инстаграм.
Басташиќ добила мејл од организаторите дека будно ја следат дискусијата за нејзината одлука да ја напушти издавачката куќа С. Фишер.
Во мејлот пишува: „Колку и да ги цениме вашите книги под овие околности, за жал мораме да ја повлечеме нашата покана. Вашиот престој во Литерхаус Но и учеството на Книжевниот фестивал во Салцбург неминовно би значело наше позиционирање на страна што не ја сакаме…“
На почетокот на овој месец, Басташиќ рече дека нејзина морална и етичка должност е да го раскине договорот со издавачот поради неговиот молк за израелската војна против Газа, како и поради културата на „системска цензура“ во Германија.
Авторката на романот „Фати го зајакот“, добитничка на Наградата за литература на Европската унија за 2020 година, го обвини нејзиниот издавач дека има двојни стандарди и смета дека неговата изразена загриженост за антисемитизмот е „глува за страдањата на Палестинците“.
Басташиќ во реакцијата за повлекувањето на поканата рече дека оваа одлука е пример за „јасно позиционирање“ и дека нејзиното „политичко и човечко мислење е дека децата не треба да се бомбардираат и дека германските културни институции треба подобро да знаат кога станува збор за геноцид. ..”
Откако се раздели со својот издавач овој месец, авторката во изјава за Мидл Ист Ај рече дека нејзината одлука довела до значителна финансиска загуба и неизвесност, но таа не сака да ја промени.
Нејзината одлука делумно била формирана од нејзиното лично искуство. Нејзините предци ја напуштиле Хрватска поради прогон во 1940-тите и се преселиле на север од Босна и Херцеговина.