Започнува кампањата „Читаме современи македонски автори“ на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ од Скопје

Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ од Скопје ја иницира кампањата „Читаме современи македонски автори“. Активностите започнуваат од денес, 1. септември, а целта е на читателите да им се доближат делата на современите македонски писатели од поновата генерација. Кампањата ќе се одвива низ неколку активности: Библиотеката предлага книга на месецот, која ќе биде достапна низ сите објекти, потоа следува разговор со авторот и Клуб на читатели за сите кои ќе сакаат да ги споделат своите впечатоци по читањето на делото.

За оваа иницијатива, директорката Снежана Стојчевска изјави:

Македонската литература има долга традиција, а нејзината вредноста ја продолжуваат авторите кои ни се современици, наши колеги, сограѓани, луѓе со кои заедно го креираме македонскиот културен контекст. Свесни сме дека како земја и култура немаме изградена стратегија за превод на македонската литература на светски јазици, дека многу од нашите автори, иако заслужуваат немаат ниту еден превод надвор од нашите граници, но тоа не нè обесхрабрува. Напротив, сметаме дека токму нашите читатели треба да бидат тие кои ги читаат домашните писатели. Иницијативата е во соработка со македонските издавачи, кои засега одлично одговараат на повикот и идејата за кампањата.

Проектот почнува на 1. септември со книгата „Сфинга на гневот“ од Жарко Кујунџиски. Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ е основана во 1945 година. Денес во нејзин состав работат 4 централни библиотеки, 14 подружници и една подвижна библиотека и брои околу 26 илјади членови.