Јапонскиот оперски пејач Казухиро Котецу промовира песни и вина од Македонија во Мацујама

Оперскиот првенец Казухоро Котецу ја започна кампањата за ширење на македонските песни и вино низ Јапонија за 2024 година.

После осмиот рецитал на кој изведе јапонски, италијански и македонски песни и арија и дует на Моцарт со солистите од операта во Токио, настапи заедно со сопранистката Кунами Акари изведувајќи македонски песни. Настанот беше воедно и промоција на македонското вино.

Котецу живее во Токио и настапува во тамошната опера. Но, во исто време, тој е голем вљубеник во македонската музичка традиција. Досега ги има обработено и песните: „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“, „Кога падна на Пирина“ , „Земјо македонска“, „Македонско девојче“, „Ако умрам ил загинам“ и други.

Пред своите сонародници Казухоро Котецу настапи со македонска носија што ја донесе од неодамнешниот престој во Битола, каде што учествуваше на Меѓународниот фестивал на камерна музика „Интерфест“ и ја одушеви публиката со изведбата на безвременската „Ако умрам ил’ загинам“ на бардот на македонската патриотска песна и негов омилен пејач од Македонија, Јонче Христовски.