Левица: Владата нема желба да го реши проблемот со сивата економија

  • Реакција на Левица – Сектор економија

Трендот за зголемување на сивата економија во земјава од ден во ден расте. Според последните статистики 33,2 отсто од бруто домашниот производ годишно отпаѓа на сивата економија. Процентот е на исто ниво со земјите од Западен Балкан, но е речиси двојно повисок од просекот на земјите членки на Европската Унија, кој изнесува 19,4 отсто од бруто домашниот производ.

Министерството за труд и социјална политика во 2018 година изработи стратегија за формализирање на неформалната економија 2018-22 според која Владата и Министерството требаше да се борат против сивата економија во државата. Но, најголем број на предвидени активности за сузбивање на сивата економија не биле реализирани во периодот 2018-2022 година.

Стратешките цели за сузбивање на економијата воглавно се поделени на четири делови и тоа:

1. Унапредување на процесот на мерење, следење и детектирање на неформалната економија

2. Подобро деловно окружување за основање раст и развој на компаниите

3. Стимулирање и поддршка на формализацијата на неформалните економски активности

4. Јакнење на даночниот морал и намалување на толеранцијата кон неформалната економија

Малиот број на реализирани активности придонесува за постепено зголемување на неформалната економија. Со лошите спроведени активности и неангажираноста на инстутициите, на годишно ниво државата губи околу 450 милиони евра. Тоа се пари кои може да се искористат за најпотребните сегменти во општеството како: здравството, образованието и т.н..

Очигледно е дека Владата предводена од ДУИ нема желба за решавање на овој важен проблем во државата која години по ред бележи најнизок економски раст.