Ташковски од ДПМНЕ го напуштил сопствениот бизнис за Џафери да му биде шеф во Влада

Јавна тајна е дека речиси секој што покажува повисоки политички амбиции во Македонија, има големи шанси зад себе да има една или повеќе фирми, а таков во низата е новиот технички министер за внатрешни работи Панче Тошковски.

Во јавноста досега единствено беше познато дека е адвокат, но изминатата недела пред да биде изгласана новата техничка влада во Собранието, Тошковски ја препуштил својата фирма КЛК – Констракшн Ленд Консалтинг ДОО Скопје на друго лице да ја управува.

Од она што може да се пребара за оваа фирма, може да се заклучи дека Тошковски е „експерт“ за регулирање на недвижнини и консултант на ова поле. Може да се забележи дека од она што уште е сочувано во интернет базата на системот за јавни набавки, КЛК – Констракшн Ленд Консалтинг пред десетина години добивала тендери за консултантски услуги од областа на управување со градежно земјиште, за правно мислење и помош за управување со градежно земјиште во сопственост на Република Македонија, или пак само „консултански-правни услуги“. Најчесто договорни органи биле општините, а сумите се релативно мали.

Во самата биографија на Тошковски, поднесена до Собранието, пишува дека покрај тоа што е адвокат во чиј опис на работа влегуваат имотно-правните спорови, има положено испит за проценка на недвижен имот. Додека бил советник во Министерството за транспорт и врски, работел на акти во врска со градежното земјиште и земјишната политика, а таму членувал и во комисии за концесии и јавни наддавања за градежно земјиште. Бил член на одборот на директори на Акционерското друштво за стопанисување со деловен простор, а работел и како експерт за управување со градежното земјиште за Општина Илинден. Работел и на легализации на недвижнини за разни организации.

Тошковски е претседател на Комисијата за правни прашања на ВМРО-ДПМНЕ. Како адвокат, тој можеше да се види во судниците како бранител на дел од обвинетите во случаите што ги отвори Специјалното јавно обвинителство. Освен во Кривичниот, Тошковски често беше и во Граѓанскиот суд каде што застапуваше членови и функционери на партијата во повеќе парнични постапки. Една од нив е и онаа во која министерката за одбрана Славјанка Петровска го тужеше пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки. 

Со 65 гласа „ЗА“ и 3 „ПРОТИВ“ Собранието вчера го изгласа новиот владин состав, кој ќе важи до одржувањето на изборите, односно до формирањето на новата постизборна владина коалиција. Техничката влада ќе ја предводи Талат Џафери, а Тошковски ќе биде министер за внатрешни работи на местото на Оливер Спасовски.

Преземено од Фокус – А.К.

  • Потсетуваме вчерашната собраниска седница, каде за премиер беше избран поранешниот командант на УЧК, Талат Џафери, изостана гласањето од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Зад кулоарите, се појави снимка каде новиот министер на МВР, Панче Тошковски, се ракува со неговиот премиер Талат Џафери и со останатите министри од техничката Влада.