Џафери како Министер за одбрана се поклонуваше на спомениците на УЧК
- Секвенци од говорот на Борислав Крмов пратеник во Собранието на Република Македонија од редовите ан Левица
Изборот на Талат Џафери за премиер не е никаков триумф за граѓаните-припадници на албанското малцинство, иако ДУИ сака така да го претстави. “Зелените” од ДУИ на електоратот му нудат само национализам, екстремизам и пробивање на некои тн етнички плафони, како прв премиер Албанец. Иако тие етнички плафони се одамна пробиени, ако се потсетиме само на Неџат Аголи, на пример. Џафери, со своето патешествие од ЈНА, па АРМ, и на крај УЧК, кажува дека по потреба може да биде и голем Југословен и голем Македонец, и на крај, и голем Албанец. Ама се по потреба.
Дека без поткрепата на двете најголеми партии, бандитизмот на ДУИ би бил невозможен, најдобро го илустрира неговото министерско место за одбрана, сега пак, во владата на ВМРО-ДПМНЕ. Сега грбот е од СДСМ, а претходно грбот беше од ВМРО-ДПМНЕ. Неговиот избор за министер за одбрана е нешто што не смееше да се случи. Значи држава што малку се грижи за своите вооружени сили, за нејзините луѓе кои гинеле и крвареле на военото поле, такво нешто немаше да дозволи.
Тој ресор не смееше да припадне на ДУИ, како партија трансформирана од УЧК. Не смееше бивши припадник на УЧК да раководи со министер за одбрана! Тоа мораше да биде професионалец со чисто досие, а не бивши дезертер од истите тие вооружени сили. Ние зборуваме за Талат Џафери, кој како министер за одбрана, во мандат на ВМРО-ДПМНЕ се поклонуваше на споменици на УЧК. Зборуваме за човек, кој прво ја прекрши заклетвата дадена кон одбранбените сили, за потоа најдиректно да учествува во војната, во која припадниците на АРМ и МВР беа КУКАВИЧКИ напаѓани и убивани.
Со тој чин, власта предводена во тоа време од ВМРО-ДПМНЕ, најдиректно ги понижи припадниците на АРМ, и на крај државата и македонскиот народ. За голема жал, тоа е политичката култура и немоќта на двете најголеми политички партии да се справат со ДУИ како политички феномен изминатите 20 години.