Сековска: Производителите на храна под удар на глобализмот

Пишува:  Благица Сековска – Проф. на катедрата за Рурална економија при Факултет за ветеринарна медицина

Почетокот на новата 2024 година ја одбележаа протести на европските фармери кои медиумите ги игнорираат. Овие масовни блокирачки протести на земјоделците, кои како пожар ја зафатија цела Европска Унија, како да се игнорирани од медиумите и не само од македонските медиуми. Во моментов протестираат земјоделците од Германија, Франција, Полска, Литванија и Италија, а само пред неколку месеци протестираа земјоделците од Холандија и Белгија.  Протестите не се обични демонстрации на незадоволство, туку масовни блокади на градови и автопати со целокупна земјоделска механизација.

Ова отвара многу прашања. Зошто протестираат земјоделците во ЕУ така упорно и така долготрајно? Зошто медиумите не им посветуваат скоро никакво внимание? Какви импликации има тоа на нашето земјоделство? Што се случува со земјоделството на глобален план?

Првичната и видлива причина е дека фармерите протестираат поради тоа што не се платени доволно, но и поради тоа што се афектирани од новите политики на ЕУ за заштита на животната средина, особено делот на т.н. зелен договор кој особено ги загрозува земјоделците. Сето тоа е зачинето и со укинување на субвенциите на земјоделците и пренамена на средствата за субвенции за воена поддршка на Украина. Инфлацијата ги притиска граѓаните на ЕУ, а притисокот за намалување на таа инфлација паѓа на грбот на фармерите. Фармерите се притиснати од една страна со барањата да не ги зголемуваат цените или дури и да ги намалат, додека од друга страна тие ни самите не се во можност да ги покријат зголемените трошоци за енергија, ѓубрива и транспорт.

Европските фармери имаа субвенции и даночни ослободувања за добар дел од овие ставки, но владите одлучија сето тоа да се укине. И тоа не е сé. Воедно ЕУ дозволи увоз од Украина на шеќер, жито и месо без квоти и царини, како и било какви други давачки. Нелојалниот увоз создаде дополнителен притисок врз цените на домашните производи без да ги исполнува строгите еколошки стандарди кои им се наметнуваат на домашните производители.

Кои се тие еколошки стандарди од т.н. „зелена агенда“ кои им се наметнуваат на земјоделците и предизвикуваат таков револт и бран на незадоволство кој се излива на улиците на ЕУ?? Пред сé  тоа е барањето да остават необработени најмалку 4% од обработливите површини кои вообичаено ги работат. Истовремено од фармерите се бара да имаат живи граници или меѓи помеѓу имотите, кои ќе треба да се одржуваат како природно зеленило кое нема да го нарушува природниот хабитат на видовите кои виреат тука. Проблемите со недостиг на вода за наводнување и не вложување  во проекти за наводнување, како и строгите барања за воспоставување стандарди за благосостојба на животните, како и агендите за намалување на сточниот фонд поради критиките дека истиот придонесува кон зголемено загадување само го зајакна чувството на земјоделците дека се игнорирани и непочитувани од системот.

Протестите кои беа организирани во Брисел од страна на францускиот синдикат на земјоделците под наслов Рурална координација повика на демонстрации против сé поголемите ограничувања за земјоделците од страна на европските регулативи и сé пониските приходи. Арно Русо, претседателот на најголемиот француски синдикат на земјоделци, изјавува дека наскоро ќе објават список со 40 неопходни мерки со цел добивање на брзи резултати за земјоделците.

Во Емилија Ромања, најземјоделскиот дел на Италија, владата им дава средства на земјоделците само да не ги работат своите ниви. И додека малите земјоделци, со строги законски регулативи се демотивираат и присилуваат да се откажат од земјоделството како основен извор на храна, финансиските магнати како Џорџ Безос, Бил Гејтс и други, купуваат милиони хектари земја. Во исто време ЕУ носи регулативи за употреба на инсектите во човечка исхрана и гради фабрики каде месото ќе се произведува со 3Д принтер, додека фабриките за вертикално фармерство (хидропони,аквапони и сл.) доживуваат процут и остваруваат милиони евра профит.

Неминовно се поставува прашањето дали е ова намерен обид за уништување на малите земјоделци со цел производството на храна да се стави под контрола и да се монополизира?

Теориите на заговор се проширија од руралните области во ЕУ до емисиите на кабловските телевизии во САД, како и на социјалните мрежи ширум светот. Холандската политичарка Ева Влардингербрук им се придружи на земјоделците и изјави дека сака да им се спротистави на „глобалните елити кои водат војна против вредните луѓе кои ја обезбедуваат храната на нашите трпези“. Не сакаме да јадеме инсекти, го сакаме нашиот стек, изјави таа. Клипот на Јутјуб под наслов „Полтичарите знаат дека кога ја контролираат храната ги контролираат и луѓето“ има повеќе од милион прегледи. Дури и Илон Маск, најбогатиот човек во светот, твитна поддршка за фармерите.

Во Македонија ситуацијата со земјоделството не е ништо подобра. Единствениот ресурс кој е ограничен, а тоа е земјоделското земјиште, лесно се пренаменува во градежно за популарните фотоволтаици, а цените на храната во маркетите и на пазарите рушат рекорди. Увозот на храна е највисок од било кога до сега, а производството на храна најниско.

Технократите и во Брисел и во нашево државиче, тргнуваат и дејствуваат од само ним познати стојалишта без никаков контакт со реалноста. Но зошто медиумите молчат и малку или нималку не ја обработуваат оваа толку значајна тема, бидејќи земјоделството значи храна, а храната е неопходна за секој од нас.

Дали познатата изрека „Селанец не храни, селанец не брани“ уште еднаш се покажува на дело? Овој пат нé бранат од глобалисти и неолиберали. Дали нивната борба, во интерес на сите нас, ќе даде резултати останува допрва да видиме.