АктуелноЛокално

Словенија по примерот на ЕУ со екстра данок за банките – Македонија сака во ЕУ со Балкански политики

  • Пишува: Анета Манчевска

По примерот на повеќе европски земји за воведување на ново оданочување, Словенија донесе „дополнителен данок“ на екстра профитите на банките кои беа остварени во претходните неколку кризни години. Целта на воведувањето на овој данок е вклучување на банкарскиот систем преку Законот за обнова и развој во вкупниот придонес за побрза и квалитетна санација и реконструкција на погодените подрачја по катастрофалните поплави во август 2023 година.

Според Роберт Голоб, премиер на Владата на Словенија, новото оданочување на банките во износ од 0,2 отсто, од една страна, нема да го разниша финансискиот систем на Словенија, а од друга страна, тоа значи праведен придонес на финансискиот сектор за обнова и развој на поплавените подрачја.

Законот за обнова, развој и обезбедување на финансиски средства (ЗОРЗФС) кој стапи на сила на 23 декември 2023 година опфаќа голем број на мерки, но за нивна примена потребни се финансиски средства кои се предвидува да се обезбедат од:

  1. Привремено зголемување на стапката на данокот на добивка за три процентни поени (од 19% на 22%) за период од 5 години (од 2024 до 2028 година), каде добиениот приход од разликата од 3% е всушност наменски приход на Буџетскиот фонд за реконструкција; 
  2. Привремено користење на нето билансната добивка на словенечкиот државен Депозитар на хартии од вредност;

Оданочување на физички лица инвеститори во хартии од вредност издадени од Република Словенија, а кои ќе бидат издадени во 2024, 2025 или 2026 година. При плаќањето на данокот на доход, каматата што се плаќа на овие хартии од вредност ќе се изедначи со каматата на готовинските депозити добиени од банките и штедилниците, чиј збир не се оданочува до илјада евра. Во овој лимит ќе бидат вклучени и каматите заработени од резидент од хартии од вредност издадени од Република Словенија и издадени во 2024, 2025 или 2026 година врз основа на законот со кој се регулираат јавните финансии и понудени на јавноста како дел од понудата на хартии од вредност на физички лица.

  1. Привремен данок на вкупниот Биланс на состојба (вредност на сите средства) за словенечките банки и штедилници, како ѝ за филијали на странски банки во Словенија  во износ од 0,2 %, исто така за период од 5 години (2024-2028).

Данокот може да се намали за износот кој ќе се донира во пари заради отстранување на последиците од свлечишта и поплави, но најмногу до 30 % од добивката од редовното работење.

ШТО СЕ СЛУЧУВА СО БАНКАРСКИОТ СИСТЕМ ВО МАКЕДОНИЈА?

Следејќи го европскиот тренд на екстра оданочување, Република Македонија на 25.09.2023 година воведе Данок за солидарност, кој е еднократна јавна давачка за 2023 година и е приход на Буџетот на РМ, каде истиот изнесува 30%, а се плаќа на екстра профитот. Под екстра профит се смета сé она што е над разликата меѓу основица за пресметка на данокот на добивка во 2022 година и износот на просекот на основиците од 2018, 2019 и 2021 година, кој е зголемен за 20 проценти.

 Законодавецот остава простор, за поголем приход и добивка од 20 проценти, кој нема да се смета за екстра профит, поради зголемените цени на пазарот, за нејзин раст или вложувања. Како исклучително тешка година за правење профит, се иззема 2020 година. 

КАКО БАНКИТЕ ПРЕСМЕТАА 0% ДАНОК НА СОЛИДАРНОСТ? ДАЛИ БАНКАРСКИТЕ ПРОФИТИ СЕ ПРЕМАЛИ ЗА ДАНОКОТ НА СОЛИДАРНОСТ?

Профитот на македонските банки годинава е зголемен за близу 32 милиони евра, каде најголем нето приход имаат остварено од камати и од провизии и надоместоци. Банките во Македонија во 2022 година оствариле нето приходи од камати во износ од 287 милиони евра, а од провизии и надоместоци 101 милион евра.

Врз основа на консолидираните извештаи на банките, објавени на нивните официјални страни, пресметаниот данок на добивка за 2022 година е помал од просекот на основицата за 2018, 2019 и 2021 година, (2020 година е иземена), зголемен за 20 проценти, што значи дека најголемите четири банки не платиле ниту еден денар солидарен данок. 

СЕ ДОНЕСЕ Ѝ НОВ ЗАКОН ЗА РЕШАВАЊЕ БАНКИ ЗА ПОГОЛЕМА ФИНАНСИСКА СТАБИЛНОСТ

Со Законот треба да се постигне пазарна дисциплина и доверба на јавноста во банкарскиот сектор и заштита на јавните средства.

Од осамостојувањето на Република Македонија до денес, пропаднаа пет банки, но со можноста за примена на државни инструменти, меѓу кои ѝ директна државна  интервенција или државен влог во пропаднатата банка, ќе се оневозможи дестабилизирање на банкарскиот систем. Законот е обемен и не доволно објаснет како ќе се применува, но важно е да се каже дека е доследна примена на европското законодавство, односно  усогласување со Директивата  2014/59/ЕУ на Европската комисија за формирање на рамка за заздравување и решавање на кредитни институции и инвестициски фирми.

Ѝ покрај промените на каматите, банките во Македонија останаа релативно отпорни на ударите од пандемијата и големата економска криза.  Бидејќи, немаат никакви државни ограничувања, си ги зголемија провизиите и другите надоместоци, а народот си плаќа и си трпи. 

Зошто Владата не донесе закон за оданочување на екстра профитите на банките, по примерот на Словенија и другите европски земји? Ете, веќе кога сака да копира ЕУ регулативи, нека донесе нешто корисно.

Денеска, македонскиот народ го преживува најголемото осиромашување ѝ тоа: губење на работни места, намалени плати, зголемени цени на храна, гориво и енергија, зголемени јавни давачки, наметнати задолжителни трошоци за вадење лични документи  и редица други причини.