„Бехтел и Енка” е криминал од една милијарда евра – Левица ќе стори сѐ да ги спречи овие закони

На денешната собраниска седница на дневен ред се спорните девет предлог-закони кои се однесуваат на Коридорот 8 и американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка”. Пред почеток на седницата, пред Собранието се одржа протест против измените на Законот за заштита на културно наследство, од каде порачаа дека предложените измени се на штета на културното наследство и тие се направени без консултации и вклучување на стручната и научната јавност.

Пратеникот од Левица, Борислав Крмов во своето процедурално обраќање истакна дека овие предлог-закони се ставени на дневен ред со кршење на Деловникот и дека со нив се руши правниот поредок.

„Оваа седница не смее да се одржи бидејќи најгрубо е прекршен Деловникот, затоа што материјалите за дневен ред се доставуваат најмалку 10 работни дена пред одржувањето на седницата. Овие материјали ни се доставени 5 работни дена пред седницата што значи вие правите шверцерај со вакви битни закони и ја фаќате јавноста на препад.

За еден конзорциум „Бехтел и Енка” кој во Косово, Романија, Хрватска и Албанија има исти вакви криминални случаи. За нив го свртуваме целиот правен систем на глава и за нив не важат никакви закони – тие можат да газат преку шуми, преку земјоделски земјишта, преку археолошки наоѓалишта, ќе кршат работники права. Што сакаат ќе прават, само за да се избутка овој криминал од милијарда и 700 милиони евра.

Гледам дека пратеници од власта гласаа против. Не се перете со гласање против, а правите кворум. Јас ве повикувам ако вие навистина сте против овие предлог-закони, излезете и срушете го кворумот и оваа седница ќе застане. А Левица ќе даде се од себе да вѐ спречиме. ” – кажа пратеникот Крмов од собраниската говорница.