Окупација без тенкови

Многу е тешко да се кажат недостатоците на Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини, по скратена постапка, без да се употребат непристојни зборови.

Законот за минерални суровини е килав сам по себе. Досега бил многу пати предмет на измени и дополнувања, па така од осамостојувањето до денес, како кој имаше потреба за нов криминал, така законот претрпуваше нови измени. Или како што гласи познатата флоскула НЕ МОРА ДА БИДЕ ПРАВЕДНО, МОРА ДА БИДЕ ЗАКОНСКИ.

Денес Законот е пред нови измени, но според напишаното од предлагачите, тие најверојатно го немаат ни прочитано, а предлагаат измени?!  Со овие предлог измени на Законот нема да запре стимулирањето и легализирањето на корупцијата, криминалот и лицемерието, туку напротив, сето тоа ќе биде истакнато на еден повисок степен, со употреба на „лут“ зачин кој веројатно е позајмен од кујната на Бондстил. Едноставно кажано, Македонија со помош на колаборационистите олицетворени во ДУИ-СДС коалицијата и ДПМНЕ „опозицијата“ ќе биде легално окупирана земја од страна на странски узурпатори.

Полтронството на актуелната власт оди дотаму што тие потенцираат дека овие измени се во насока на остварување на некаков стратешки европски интерес, а се заборава дека тоа првенствено е македонски интерес. Коридорите 8 и 10 не започнуваат од Груби и Ахмети. Тоа се стратешки интереси на Македонија и тоа од многу одамна. Да не се заборави, Коридорот 10 до пред 33 години се викаше Братство и Единство, а администраторите-окупатори заради големата љубов кон македонскиот народ за кој имале стратегија да го направат благополучни и благочестиви Б’лгари, пробивале и граделе тунели на коридор 8 до 1943 година. 

Бранко Црвенковски своевремено градеше мостови и вијадукти на Коридор 8, а Никола Груевски, проекти и автопатишта. Се разбира ова е саркастички кажано, ниту тунели има, ниту вијадукти, ниту патишта, ама затоа имаме многу богати политичари, или како што кажа ЉуБчо еднаш од собраниската говорница, дека бил богат колку просечен бизнисмен. Да не е трагично ќе беше смешно, оваа изјава доаѓа од човек без ниту еден ден работен стаж во стопанството.

Да се вратиме на темата, дали предлагачите на измените се свесни колку досега доделени концесии за експлоатација на минерални суровини ќе останат без употребната вредност со прифаќање на овие измени? Или веќе нивната употребна вредност за рекетирање е завршена?

Скратувањето на законските рокови во постапка за доделување на концесии не е ништо друго, освен бескрупулозна желба да се украдат повеќе пари, свесни за неизбежното губење на власт на наредните избори, кога и да се случат. Деновите им се изброени. Бројат ситно. Што после? Ќе фатат џенем по белиот свет, или ќе им бидат потребни пари за адвокати, судии и затворски стражари?

Со предлог измените на овој закон се постигнува „пациентот на д-р Франкештајн“ да биде употребен за потребите на криминалот, корупцијата и полтронството, а Македонија да биде окупирана без тенкови. Измените спроведени на овој начин се против интересите на Македонија и македонскиот народ и не треба да се случат.


Авторот е член на Левица.