Изложба на графичката работилница„ Софија – Богданци“ во КИЦ

На 26 јануари 2024 (петок) со почеток од 20 часот во Културно информативен центар – Скопје, Салон Империјал 1 и 2, ќе се одржи триенална изложба на графички листови од главната сесија на графичката работилница Софија – Богданци.

„Графичката работилница Софија – Богданци“ е јадрото на едно продуктивно уметничко движење кое веќе 17-та тековна година ги обединува младите графичари од Македонија и од регионот. Настан кој навидум има само локално значење, но всушност е една успешна регионална приказна која претендира да го одржи приматот на графиката како специфичен и мошне моќен уметнички израз.

Главната сесија се одржува секоја година на крајот на август и почетокот на септември и на неа до сега имаат учествувано над 200 уметници од целиот регион. Улогата на ментори ја имаа истакнати графичари и универзитетски професори од Македонија, Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина. Целта на графичката работилница и пред сè на главната сесија е да го поттикне традиционалното создавање на графички израз. Учесниците имаат ретка можност да творат во сите традиционални техники (висок, длабок, рамен и пропустен печат) и да разменуваат искуства со графичари од други ликовни академии.

Изложбата ќе биде отворена до 13.02.2024 година