Левица: Дали градоначалникот на Кочани со незаконска одлука го покривал криминалот на свој роднина

  • Реакција на политичката партија Левица

Градоначалникот на општина Кочани, Љупчо ПАПАЗОВ, веќе има кривична пријава во врска со назначувањето на С.З за директор на СОУ „Гошо Викентиев“, односно неразрешувањето на истиот, откако тој во рок од една година по изборот не го положил директорскиот испит. Станува збор за лице кое е во роднинска врска со Папазов.

Деновиве кривична пријава е поднесена и против сега поранешниот директор С.З. според која се товари за злоупотреба на службена положба и овластување. Имено, во април 2023 година, спротивно на Законот за јавни набавки, за патување на тим од училиштето на Светското првенство по роботика во Мароко, без да спроведе постапка за јавна набавка, ангажирал туристичката агенција и за услугите ѝ исплатил износ од 296.960 денари.

Исто така, БЕЗ претходно донесена одлука за ребаланс на буџетот од страна на училишниот одбор, за оваа намена од сопствената сметка на училиштето исплатил 735.214 денари, односно 107.714 денари повеќе од прибраните по пат на донации. Со ваквото дејствие, пријавениот постапил спротивно на член 89-а од Законот за средно образование и член 114 од Статутот на училиштето, со што го ОШТЕТИЛ буџетот на средното училиште за износ од 107.714 денари.

Во меѓувреме, откако беше констатирано дека на сметката за плати за средните училишта недостасуваат средства за исплата на плата во средните училишта, на последната седница пред Советот на општина Кочани се најде предлог-Одлука за измена на распоред на средства, со цел надополнување на сметката за плати, што е спротивно на Законот за средно образование, кој предвидува дека општината може да ја дополни добиената блок дотација, односно наменска дотација за образование со средства од сопствени извори, освен за платите на вработените во училиштата.

Јавно прашуваме дали градоначалникот Папазов и неговата администрација поднесле пред Советот незаконска одлука и дали целта е да се прикрие криминалот направен од страна на тогашниот директор? #Левица го повикува Јавното обвинителство да ги истражи овие индиции и да утврди дали градоначалникот од редовите на ДПМНЕ, во обид да го заштити својот роднина, ги злоупотребил службената положба и овластување.