Левица: Одговорност за животот на работниците мора да има!
- Реакција на Политичката партија Левица
Граѓаните уште еднаш беа потресени од веста за смртта на уште еден работник на работното место! Изминативе два дена сите беа во исчекување на извештаите од надлежните инспекторати и државни органи кои правеа увид за несреќата, но од она што може да се заклучи од достапните информации за јавноста, е дека уште еднаш, наместо да се заштити работникот, властите и инспекциските служби го заштитуваат работодавачот.
Државниот инспекторат за труд наместо итно, веднаш и без одложување да ја провери документацијата и ја утврди фактичката состојба за исполнувањето на обврските на „Работодавачот“ кон работникот, соопшти дека документацијата не е проверена и дека од „оправдани причини“ се чека работодавачот да ја достави. Со ова трудовиот инспекторат остава простор за работодавачот да ја „среди“ документацијата со цел да се заштити себеси и не понесе никаква одговорност за смртта на еден работник!
Понатаму, според објавеното во јавноста, вината за смртта се префрла на самиот работник со наративот дека не носел соодветна заштитна опрема, но ова го отвора прашањето: „Зошто работникот не носел соодветна опрема?“ и „Дали и каква опрема и услови за работа на настраданите работници има обезбедено работодавачот?“.
Имајќи во предвид каков загадувач е фармата во која работникот го изгубил животот и какви се хигиенските и работни услови кои треба да ги обезбеди работодавачот, дискутабилно е тоа дали воопшто законските обврски за безбедност при работа ги има исполнето работодавачот, и кога последен пат се вршени инспекторски надзори за да се утврди фактичката состојба за тоа какви услови обезбедува работодавачот за работа на работникот, и што стои во овие инспекторски извештаи.
Целиот наратив кој го водат државните институции покажува само колку многу ЖИВОТОТ НА РАБОТНИКОТ ВО МАКЕДОНИЈА Е ОБЕЗВРЕДЕН, и дека државните служби наместо да го заштитат основното човеково право на живот, тие во уште еден случај го заштитуваат интересите на компаниите и капиталот.
Левица смета дека целата оваа постапка не се води доволно транспарентно и правилно. ОДГОВОРНОСТ ЗА ГУБЕЊЕТО ЧОВЕЧКИ ЖИВОТИ НА РАБОТНО МЕСТО МОРА ДА ИМА! Како политички субјект кој секогаш стои на страната на работниците и обесправените, бараме Обвинителството да го преземе случајот и утврди која е вистинската причина за смртта на работникот, и дали работодавачот и надлежните државни служби имаат направено пропусти!