Студентски Отпор: Никогаш не би седнале на иста маса со ВМРО-ДПМНЕ

Денеска во јавноста на интернет портали блиски до политичката партија ВМРО – ДПМНЕ произлезе вест дека претставници на студентската организација Студентски Отпор оствариле средба со пратенци на ВМРО – ДПМНЕ во однос на нивниот предлог закон за субвенциониран студентски оброк, пишува во демантот на Студентски отпор објавен на нивната официјална Фејсбук страна.

Јавноста ја информираме дека ова е само еден патетичен обид да се дискредитира и партиски да се обои движењето студентски отпор!

Луѓето што присуствуваа на таа средба не се наши членови, туку се членови на партискиот подмладок на ВМРО – ДПМНЕ, односно УМС.

Студентски отпор во ниту еден случај не би седнал на иста маса со претставници од партијата која најмногу придонесе за уништување на студентскиот стандард во Македонија со енормна корупција и непотизам по универзитетите во Македонија.

Нема да дозволиме борбата за подобар студентски стандард партиски да се обои од страна на една од најкриминогените партии во Македонија, а и пошироко.

Воедно, независните медиуми ги потсетуваме дека, поради вакви потези на одредени политички партии во Македонија кои имаат за цел да го партизираат ова студентско движење, да бидат повнимателни доколку известуваат за соопштенија или активности извршени од наша страна. Да известуваат единствено од официјалните профили на социјалните мрежи на Студентски отпор или од нашиот официјален емаил: otpor.studentski@gmail.com, реагираат од Студентски отпор.