Германија блокирана: Германските синдикати држат лекција по борба за работнички права

Синдикатот на германските машиновозачи (ГДЛ) денеска го продолжи штрајкот на работниците, кој влегува во третиот ден, и го прошири од патнички до товарен. Со овој штрајк тие бараат намалување на работното време од 38 на 35 часа неделно за работниците во смени, како и зголемување на платите за 555 евра месечно и еднократен бонус за инфлациски надоместок од 3.000 евра.

Државната железничка компанија Дојче Бан соопшти дека само околу 20 отсто од нејзините возови функционираат, а приградските возови во градовите како Берлин се во застој. Германската национална железничка компанија „Дојче Бан“ понуди пофлексибилно работно време во замена за намалување на платата.

Штрајкот ќе ја принуди „Дојче Бан“ да се придржува до распоредот за итни случаи, а компанијата соопшти дека прекинот на работата ќе влијае на патувањата на милиони луѓе и ќе ги охрабри да ги откажат или одложат сите несуштински патувања.

Проблем во сообраќајот направија и постојаните протести на земјоделците, предизвикани од најавеното намалување на субвенциите.

Шефот на Германскиот сојуз на фармери (ДБВ), Јоаким Руквид, вети дека ќе ги засили протестите денеска, откако конвои трактори и камиони ги блокираа патиштата низ земјата на почетокот на оваа недела.