Кираџиева: Сите знаеме кој нѐ труе три декади за личен бизнис профит – СДС-ДПМНЕ-ДУИ!
- Пишува: Весна Кираџиева, членка на Централен комитет на Левица

„И на вакво време ли тренираш, по загаденово?“, секоја зима, години наназад истото ме прашуваат комшиите во лифт кога ќе ме пресретнат.
– Па немаме баш некоја подобра опција. Ова не е проблем од годинава или од лани – дваесет и пет години тренирам атлетика и точно е, да, исплукуваш црнила кога ќе се вратиш после тренинг како шеесетгодишен страстен пушач – опцијата да прескокнеме 3-4 месеци тренинг зашто е загадено, не е некоја опција.
Ама има друга опција која мора да ја пробаме сите – да престанеме да ги гласаме оние кои знаат од каде е загадувањето и знаат (како и сите нас) како да се редуцира, ама поради лични бизнис интереси и ПРОФИТ, не реагираат и полека сите нѐ убиваат и трујат поради лични бизниси.
Оние од СДС-ДПМНЕ-ДУИ кои прогледуваат низ прсти за увоз на токсичен мазут којшто ЕУ го фрла; оние кои прогледуваат низ прсти на инспекции на индустрија која не почитува никаков закон, зашто се од истиве три партии од власт; оние кои ветуваат гасовод од осамостојување на Македонија; оние кои толерираат и создаваат диви дипонии и нивно палење; оние кои се на црни листи на други држави, ама кај нас се на тронот како „филантропи“; оние кои го уништија железничкиот транспорт, наместо да го усовршат и дуплираат; оние кои соработуваат блиску со урбанистичката мафија, наместо да ја затвораат поради криминалот врз овој народ…
Политичко е и ова прашање, Славице. Сето ова е производ на ланец на активности, производ на властите кои нѐ водат кон провалија три декади. Утре кога ќе одиш да заокужиш ливче, да знаеш дека загадувањето, како и последиците (онкологија) сето тоа е политичко прашање – а отровот е СДС-ДПМНЕ-ДУИ. Знам дека и ти знаеш Славице, ама да те охрабрам јас, да излезеш на следни избори, ама да размислиш прво, кој те труе три декади и дали сакаш да продолжи да те убива тивко, или ќе смениш тактика, заедно со мене?“