И Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во обид да профитира од рудниците на смртта

Придавката “европски” кај нас скоро без исклучок се користи како лепенка која без разлика каде е втисната, по автоматизам генерира асоцијации со просперитет, напредок, висок стандард итн. Токму овој трик им користи на институции како Европската банка за обнова и развој. Всушност, од целото нејзино долго име, најважен збор е следниот: “банка”. Банките служат за профит преку вртење на капитал. Па и во овој случај, употребата на “обнова и развој” во името се само празни фрази, односно маркетинг стратегија слична на продажбата на фер трејд чоколади, за помагање на децата во Африка.

Дека тоа е така најдобар показател е вмешаноста на Банката во планираниот рудник Иловица во Македонија. Во одбрана на Иловица, и властите и концесионерот го користеа фактот дека во проектот учествува и Европската банка за обнова и развој како институција која “поставува високи еколошки и социјални стандарди и својата поддршка ја условува од транспарентноста на процесот”. Но, улогата на Банката во Иловица е двојна и постои судир на интереси со интересите на локалното население. ЕБОР се јавува и како кредитодавач и акционер во проектот. Има 19,9% удел на неповрзана основа за 5 милиони долари, значи е во ко-сопствеништво со Еуромакс.

Токму овој кредит на ЕБОР го олеснало отклучувањето на понатамошните фази на финансирање потребни за проектот да продолжи кон следната фаза, зделка од 175 милиони долари помеѓу Еуромакс и RGLD AG, најавена во 2014. Со оглед на тоа што Банката има финансиски интерес да го поврати инвестираниот капитал, значи дека социјалните и еколошки интереси на македонското население се во најмала рака секундарни. Во 2014 год по повод зделката директорот на ЕБОР, Размусен Ерик изјави: “Горди сме што поддржуваме развој на одговорно рударство во Македонија и регионот”.

При тоа, во нашиот контекст како “одговорно рударство” се покажа она кое се заснова на криминални дозволи за концесионерство, отпор од локалното население, минимални финансиски придобивки за државата и максимално штетни еколошки последици за сите.