Ристовски: Подмолни игри на оската градоначалник – инвеститор за Алумина
- Интервју со Дарко Ристовски, кандидат за Грдоначалник на Општина Карпош од редовите на Левица, на локалните избори во 2021 година, за случувањата поврзани со ДУП-от кај Алумина.
Антропол: Земјиштето кај Алумина го купи компанијата Пуцко Петрол во сопственост на Асмир Јахоски, кој е син на пратеникот Исмаил Јахоски од ДУИ, во 2020 година за 18 односно 24 милиони евра заедно со давачките. Како се случи фирмата да си нарача урбанистички план за просторот на кој од претходно имала план да гради станбено-деловен комплекс?
Ристовски: Историјата на фабриката Алумина и тешката судбината на повеќе од 2000 работници е врзана со периодот на транзицијата, односно приватизацијата во Македонија и оваа фабрика ја доживеа судбината на многу други производствени гиганти. Последиците од таквите матни приватизации ги гледаме денес, преку обиди за урбанистичко силување на една модерна населба, заради остварување на лични цели и профити.
Секако дека инвеститорите ќе ви претставуваат видео презентации каде што ветуваат урбана утопија, која никогаш нема се оствари, бидејќи за нив зеленило и мала нето станбена површина значи помал профит. Повеќе од јасно е дека планерите работат во интерес на инвеститорите наместо во интерес на општината и решавање на урбанистичките и инфраструктурните проблеми кои сé повеќе оневозможуваат нормално функционирање во урбаната средина.
Потребно е општинската власт да понуди решенија кои ќе ги решаваат проблемите на граѓаните наместо да создава нови со вакви нарачани планови. Во случајот со Алумина гледаме нови инфраструктурни и урбанистички проблеми за кои веќе сме сведоци на повеќе локации на Карпош.
Нови 15.000 жители и 4000 станови ќе креираат само повеќе проблеми на и така проблематичната ситуација во овој дел на Тафталиџе. Нема повеќе место ниту во училиштата, ниту во градинките, a сообраќајот на потегот Прашка, Теодосиј Гологанов, бул. 8 Септември комплетно ќе колабира.
Антропол: Какви се ставовите и реакциите на експертите за ваквиот ДУП и дали постои взаемна усогласеност со Општината?
Ристовски: Не постои усогласеност помеѓу потребите на жителите и плановите на инвеститорите, а во овој случај градоначалникот на Карпош кој се обидува да го претстави планот за Алумина како чудо на урбанизацијата и бенефит за Карпошани. Бенефит за Карпошани од нови 15.000 жители, 0 градинки, 0 училишта и 0 болници нема. Бенефит има само инвеститорот по метар квадратен станбена површина.
Антропол: Јавна презентација на ДУП-от се одржа на 12 декември на која граѓаните можеа да доставуваат анкетни листови. Што се случуваше таму?
Ристовски: Јавната презентација на ДУП-от за 3-06 беше само фарса и маркетинг потег на инвеститорот во спрега со градоначалникот, за да ја „продаде” приказната за Дубаи на жителите на општината. Бевме сведоци на одлична презентација на вештините на 3Д графичарите во спрега со модерната софтверска технологија и слаткоречивоста на планерите кои овој проект го претставуваа како нешто невидено на овие простори.
Дополнително таканаречената анкета за овој простор, според општинските власти, ги засега само жителите кои живеат во овој плански опфат и оневозможува останатите жители на општината и населбата Тафталиџе да го изразат своето незадоволство за изградбата на овој бетонски комплекс. Тука се гледаат игрите на оската градоначалник – инвеститор кои воопшто не ги земаат во предвид потребите на сите жители на населбата туку на сила се обидуваат да протнат проект кој би бил погубен за општината и градот.
Антропол: Кој е вашиот личен став за уредување на овој простор?
Ристовски: Овој простор дефинитивно треба да се оформи и урбанизира со соодветен план за инфраструктурно решавање на основните потреби на жителите на Тафталиџе и Карпош, а секако и за новите потенцијални жители на општината. На Карпош очајно му требаат нови училишта, градинки и паркови, а најмалку му требаат бетонски чудовишта без концепт.
Борбата на советниците на Левица и моја лична како претендент за градоначалник на Карпош продолжува со опструкција на вакви погубни решенија. Се насочуваме кон нудење на сеопфатни системски промени во делувањето на институциите, Градоначалник, Совет и Општински служби.
Антропол: Кое е решението кое ќе овозможи да се избегне корупцијата и јавниот интерес конечно да го замени личниот интерес?
Ристовски: Повеќе од очигледно е дека најголемите коруптивни дејства се случуваат на полето на урбанизмот и градежништвото и се заради лични лукративни интереси на поединци или групи. Решението за овие појави е комплетно искоренување на можноста за влијание врз институциите градоначалник, совет на општина и општински служби преку нарачка на урбанистички планови од страна на инвеститорите.
Урбанистичките планови треба да бидат нарачани исклучително само од страна на општината и одобрени од советот, а потоа одобрени и од жителите кои треба да се најголем коректор на власта во овој случај локалната, а секако и централната.
Не смее повеќе да дозволиме изговори дека општината нема пари за креирање на урбанистички и инфраструктурни планови за со тоа да им се остава простор на градежните фирми да прават планови, а сé со цел поголем личен профит на сметка на создавање неподносливи услови на живот на жителите на општината.