Левица: Документите на ООН потврдуваат дека Бугарија ги дискриминира Македонците – Квислингшката Влада не презема ништо

  • Реакција на Левица – Сектор за Надворешна политика

На Македонците им е забрането да се изјаснуваат како такви во соседна Бугарија, постоењето на македонскиот јазик оваа земја целосно го негира, како и останатите идентитетски обележја на Македонците. Одземените граѓански и политички права на Македонците се само последица на ваквата бугарска политика, кои може да ги увиди целиот свет, освен бугарската власт, заедно со Владата на СДС-ДУИ.

На членовите на македонските малцински групи во Бугарија им е забрането правото на собир и здружување, се вели во новиот извештај на Комитетот за елиминација на расна дискриминација при Канцеларијата за човекови права на Обединетите Нации. Дискриминацијата врз Македонците ја потврдуваат и 14-те пресуди на Европскиот суд за човекови права, кои Бугарија се’ уште не ги почитува.

За жал, сведочиме дека земја членка на ЕУ не само што го дискриминира македонското малцинство во сопствената земја, туку и, како што Левица претходно објави, врши присилна асимилација на Македонците во Албанија, преку различни методи, од обиди за поткуп, до уцени и закани, каде на пописот спроведуван минатиот месец, се бараше од нив да се изјаснат како Бугари.

И покрај ваквите околности, Владата на СДС и ДУИ инсистира на на уставни измени, кои се целосно непотребни, истовремено кога е евидентно дека Бугарите во Македонија не се соочуваат со никакви форми на дискриминација. Уште позагрижувачка е ситуацијата што МНР целосно ги премолчува пријавите за притисоци на Македонците од Албанија, од кои се бара да се попишат како Бугари, што слободно може да се толкува како заеднички точки на интерес на „Софиската и Тиранската“ платформа, во која домашните квислинзи се соучесници.

Левица уште еднаш повикува на отфрлање на насилно прифатениот „Француски предлог“, и поништување на „Договорот за добрососедство“ на Заев, од кого произлегуваат бугарските уцени кон Македонија во Европските интеграции, а воедно овозможија историски ревизионизам, интервенции во образованието како и рехабилитација на великодржавните идеи на Балканот, кои единствено можат да доведат до замрзнување на интеграциите и дестабилизација во регионот, како последица на неразумната политика на една земја членка на ЕУ, која досега многупати ја потврдија ЕСЧП и ООН.