Владата ќе го разгледува прашањето за вработување на бегалците од Авганистан

Иако речиси ништо не е подготвено за прием на бегалци од Авганистан, Портпаролот на Владата, Мухамед Хоџа вели дека сместувањето ќе се прави во некои хотели со кои разговараат меѓународните организации, но нема информации за кои се тие хотели или каде се наоѓаат. Засега, наместо државата, процесот за решавање на проблемот со бегалците го водат меѓународните организации.

Беше најавено дека престојот на авганистанските бегалци ќе биде привремен, но, од Владата соопштија дека нивниот статус ќе се регулира преку Законот за странци, ова значи дека нивниот престој ќе биде повеќе од три месеци. Владата засега е без план за ресоцијализација, образование на децата или за здравствено осигурување. Единствено се знае дека на бегалците ќе им бидат понудени бесплатни вакцини и бесплатни здравствени прегледи.

„Статусот на лицата што се очекува да пристигнат од Авганистан во нашата земја ќе биде во согласност со одредбите на Законот за странци. Релевантните институции ги разгледуваат можностите за ресоцијализација на овие лица, ова ќе биде завршено во наредните денови. Во моментов фокусирани сме на нивниот прием и сместување во соодветните хотели. Прашањето за образованието на децата, прашањето за вработување и прашањето за здравствено осигурување ќе бидат разгледани и регулирани во наредните денови, почитувајќи ги законските одредби во земјава“. – Изјави Портпаролот на Владата.

Од МВР се направени верификации за 450 бегалци, отворена е можноста оваа бројка да биде зголемена. Според бројот на примени бегалци Македонија предничи во однос на голем број Европски земји.