Кои фактори доведоа до траорни ПИСА резултати на учениците во Mакедонија?

  • Во објава на социјалните мрежи, универзитетската професорка Тамара Јованов Апасиева ги анализираше факторите поради кои македонските ученици имаа катастрофални резултати и се помеѓу најлошите во европа на ПИСА тестирањето. Во прилог ви ја пренесуваме нејзината aнализа:

Траорните ПИСА резултати и факторите на влијание:

Седнале на национална ТВ, гости од дпмне, да анализираат фактори на влијание за пропаѓањето на образованието во Македонија, на основ на резултатите од PISA тестирањето (математика, наука и читање).

Ова е патем организацијата и луѓето, кои околу 15тина години (од над 30те год. независност) имаа власт и моќ на одлучување во државава!

Нивните размислувања за состојбата се следни:

1. Пандемијата била крива.

2. Немањето критериуми за оценување биле криви.

3. Наставниците биле угнетени.

4. Власта лошо управувала и праќала двојни пораки.

Да речеме заради дискусијата, да, така е, тоа се дел од причините.

Ама бидејќи образованието е широка и долга работа, да видиме малку подлабоко, за што се’ може да се работи.

Ќе тргнеме обратно – што му треба на образованието за да може да се развива, а потоа, зошто кај нас тоа го нема!

За развој на образованието е потребно (на основ на анализи на различни системи како Финска, Шведска, Кина и др.):

1. Високи вложувања на финансии!

2. Квалитетен кадар и континуирано учење!

3. Високи плати на вработените!

4. Средени и опремени објекти како основен услов за работа и престој!

5. Широка достапност на јавни образовни установи!

6. Едуциран и вешт менаџмент на установите, кој знае да управува со истите!

7. Високи критериуми за сите инволвирани, следење и контрола на резултати!

8. Комбинирана методологија на работа која ги опфаќа сите начини на учење и нивоа на знаење!

9. Статус на почит на квалитетот преку брзо и соодветно интегрирање на најдобрите во институциите и општеството, за да создаваат вредност и бидат вреднувани!

10. Воведување технологија во образованието!

11. Фокус на ЈАВНО КАВЛИТЕТНО образование, наместо образование како бизнис!!!

12. Холистички систем кој ги опфаќа, интегрира и следи сите засегнати страни!

Зошто ние немаме НИШТО од ова?!

Затоа што досегашните власти, де сдс, де дпмне го направија следново:

1. Најниски вложувања во образование, скоро па во светот!

2. Вработување партиски, неретко неписмени кадри, да ни ги учат децата, во замена за пакет фамилијарни гласови на избори!

3. Најниски плати за вработените, скоро па во свет!

4. Никакви инвестиции во објектите, кои со тек на време и амортизација, веќе немаат тоалети, спортски сали, лаборатории, функционални прозори и врати, а камоли нешто повеќе!

5. Широката достапност на школи е остаток од Тито (благодарност за тоа!)

6. Наместо стручни менаџери на установите, директорите се исклучиво партиски кадри, од кои ретко кој има нешто од знаење за управување! Затоа, наместо напредок, имаме намештаљки, кавги, уцени, незаинтересираност во колективот, итн.

7. Пепел! Критериуми никој НЕ САКА, затоа што 70% (ако не и повеќе) се погрешни луѓе, на погрешни места, од кај што сега го вадат лебот и се плашат!

8. Не може да имаме солидна методологија, без солидни кадри, кои се подготвени да учат заради нивниот квалитетен профил! Наместо тоа, ние добивме огромен број зачмаени, мрзеливи ликови, кои во замена за глас, не мора да прават скоро па ништо! На младите им се предаваат глупости, неретко и неточни работи, на најосновно ниво, неретко и на најдосаден можен начин, а за возврат се бара најчесто папагалско повторување, без вклучување мозок за мислење!

9. Да пишувам тука или си знаеме?! Како ако си квалитетен, ама не си послушник на сдс или дпмне, ќе мора да се селиш, за да може да се интегрираш во општеството! Како никому не му е гајле дали знаеш или те бива, ако не можеш да послужиш за нечии интереси! Накратко – добивме греота и брука од окупиран систем!

10. Пиши Х пропало – без финансии, без кадар, без фокус на овој столб – ова здравје, кога ќе смениме систем прво!

11. Пандорината кутија ја отворија со давање дозволи за работа на секој втор партиски бизнисмен да прави пари со ПРИВАТНИ школи и факултети, каде или ако е квалитетно е достапно за 10 луѓе (нивните деца) или другата крајност, не мора ни да се појавиш, за да добиеш диплома (нивните партиски паразити)!

12. Холистички пристап – кога на власт ќе избереме некој кому му е гајле кај тераме, наместо да се грижи за делење тендери, лични бизниси и богатење!!!

Ќе анализирале допрва ДПМНЕ кога ќе биле власт – Срцки, “невини”!

Еве ви ја анализата, читајте.

Простете ако се препознаете во улогата на разнебитувачи на системот, наместо негови спасители!

Пс. Не ни треба ПИСА да ни каже колку сме крш – го живееме секој ден ужасот, а добар дел богами, си го гласаат веќе 30 години.

Ппс. Секоја чест на исклучоците – тие се единствената причина зошто функционираме и волку, но за жал, воедно го потврдуваат и правилото!