АктуелноЛокално

„На изворот на Климент и Наум“ – групна изложба во Културно информативен центар – Скопје

На 13.12.2023 (среда) ,со почеток од 20 часот во Продажениот салон на Културно информативниот центар – Скопје ќе се отвори групната изложба „На изворот на Климент и Наум“.

Од 910 до 2023 поминале единаесет столетија, но тоа временско растојание не ја избледило нашата меморија. И по толку столетија ние сме пак на она големо Сега , на изворот на Словото и Светлината што блика од наследството што ни го оставија Климент и неговиот собрат Наум. Тоа е духовно тело толку големо што добило димензии на безвременост и безименост, на нешто кое своето време и име ги растворило и втиснало во вечноста и просторот на колективната душа.
Свети Климент и Свети Наум Охридски се творечка инспирација на сликарите , музичарите, копаничарите и поетите. Тие се отворена тема и мотив, секогаш длабоко инспиративен и благороден за творечка креација, затоа што , преку нивната светлина уште повеќе се зацврстува нашиот идентитет и алките на нашиот духовен континуитет.

Ние треба да сме горди и благодарни на Климент и Наум, посебно денес кога нашето, како што би рекол Блаже Конески, „ смачкано племе “е од сегде притиснато, неправедно доведено дури и во апсурдна ситуација да го брани сопствениот идентитет.

Создадените дела на еминентни македонски уметници говорат за зацврстувањето на корените, почитта и пиететот кон делото на Свети Климент и Свети Наум Охридски, кои се еден од најмоќните столбови на нашето постоење и идентитет.
На изложбата ќе бидат застапени дела на: Васко Ташковски, Глигор Чемерски, Благоја Дрнков, Петар Хаџибошков, Симон Шемов, Павле Кузмановски, Петар Попчев, Владимир Георгиевски, Стефан Хаџиниколов, Доне Миљановски, Ставре Димитров – Стадим, Илија Аџиевски, Димитар Малиданов, Благој Чушков, Ангеле Нацевски, Новица Трајковски, и други.

Изложбата ќе биде отворена до 10.01.2024 година.