Разговор со Андреј Ал-Асади авторот на „Секој секому огледало“ во Градска библиотека „Браќа Миладиновци“-Скопје 

На 5 декември (вторник) со почеток од 19 часот во Спомен собата “Т’га за југ “Градска библиотека „Браќа Миладиновци“-Скопје ќе се одржи разговор со Андреј Ал-Асади авторот на „Секој секому огледало“.

Андреј Ал-Асади е едно од најавтентичните поетски имиња од најмладата генерација. Со неговата стихозбирка „Секој секому огледало“(издание на ПНВ Публикации) жанровски се проширува кампањата #ЧитамеСовремениМакедонскиАвтори“, доближувајќи им на читателите и поети од актуелната книжевна продукција.

Станува збор за прочистена и зрела книга, со рафиниран израз и „особен“ поетски јазик. Сите песни се длабоко промислени, експресивни, со амбиција да ги продлабочат и прошират видиците на поетскиот свет. Во нив се препознава вистински мајстор, кој поетските синтагми ги спојува во најубавите и најасоцијативните слики во современата македонска лирика – подвлекува поетот Славе Ѓорго Димоски.

Андреј Ал-Асади (1996, Лондон) дипломирал на Економскиот факултет при УКИМ во Скопје. Автор е на стихозбирките “Midnight Blues” (2013, Антолог), како и „Под дервишовото сиќе“ (2018, ПНВ Публикации), „Небесна геометрија“ (2019, ПНВ Публикации) и „Секој секому огледало“ (2021, ПНВ Публикации) со кои влезе во најтесен избор за наградата „Браќа Миладиновци“ што ја доделуваат СВП. Автор е и на збирките раскази „Друго минато“, за која во 2018 г. ја доби наградата за дебитантски прозен ракопис „Новите“ од „Темплум“, и „Утрото на бессоните“ (2021, Бегемот). Учествувал на повеќе поетски читања и фестивали, негови песни се преведени на повеќе јазици и застапен е во неколку антологии. Член е на платформата „Версополис“ и на организацискиот одбор на Скопскиот поетски фестивал.

Разговорот е дел од вториот циклус на кампањата #ЧитамеСовремениМакедонскиАвтори, модератор е Александра Јуруковска, а стихови ќе чита актерот Андреј Серафимовски.