Енергетска сага – Македонија наспроти Кина
- Пишува: Томе Караџоски, дописник за Антропол од Н.Р. Кина и член на политичка партија Левица
Сигурен сум дека ја знаете онаа народната “Доколку ме излажеш еднаш срам да ти е, но доколку ме излажеш два пати срам да ми е”. Па добро драг мој македонски народе, како успеавме ама баш сите да не исполажат безброј пати во последниве триесет години?
Додека живеев во Македонија со сопругата магии изведувавме да ги исплатиме комуналните сметки, особено сметките за струја во зимскиот период. Бидејќи чекавме принова длабоко во себе се плашев како ќе успееме да живееме тројца кога и за двајца е тешко да се излезе на крај. Тоа беше една од главните причини среќата привремено да си ја побарам надвор од државата, па ете веќе петта година живеам и работам во Кина.
Ако мене ми беше тешко пред пет години да извлечам крај со крај, а имајќи во предвид дека политичките елити само ни ја тонат државата, разбирливо е дека во оваа денешница обичниот човек е скоро незамисливо да преживее од први до први. Сега, бидејќи доволно долго живеам во Кина за да го запознам нивниот систем на функционирање и односот на државата спрема обичниот граѓанин би сакал да направам неколку паралели, па самите вие да дојдете до заклучок дали е подобар нашиот златен капитализам или кинескиот социјализам. И дали некој се грижи за нас или пак обратно не соголува до гола кожа.
Најнапред мал осврт на нашите енергетски политики.
Револуционерните и иновативни стратегии на нашите власти блескаат во одржување на високите трошоци за струја.
Во зачудувачката сага на енергетскиот пејзаж на нашата Македонија, одродените елити (читај власта и опозицијата во последните триесет години) успеаја полека но сигурно да ни задаваат се поголем удар со енормните цени за струја и централно греење. Логички е да заклучиме дека тоа им одговара, имајќи во предвид дека нивните синови и ќерки или поширокото семејство водат бизниси со струја поврзани во тесна спрега со ЕСМ. Се продава струја на берза кога е евтина (како наводно вишок била), а подоцна купуваат од фирмите на новопечените бизнисмени кога е скапа. Сето тоа на крајот удира по нашиот џеб.
Граѓаните за жал веќе полека се привикнаа топлиот дом да е сеќавање од минатото. Поголемиот дел од државата не ни има воопшто инсталирано централно греење. А и за тие што имаат властите брилијантно ги одржуваат топлите домови – ладни , обезбедувајќи само на неколкуте избраните зимоска да уживаат радост од не носење три слоеви облека по дома. Кога сите ќе имаме централно греење?? Со вакво водење на политика можеби и никогаш.
Се чини дека енергетската ефикасност е преценета, а властите се посветени во докажување на таа точка. Зошто да се заморуваме со инвестиции во модерни технологии или обновливи извори, кога можеме да се придржиме кон застарени методи и граѓаните да ги оставиме во несигурност за тоа каква е иднината за нивните сметки за електрична енергија?
Заклучок: Одисеја на Македонија со високи трошоци за струја.
Откако си кажав се што ми лежи на душа за мизеријата со која ние треба да се справуваме, би сакал да направам споредба со “заостанатата” Кина. Не сакав да вадам официјални податоци бидејќи можам да го пренесам моето лично искуство во делот на трошоци за струја и гас.
Моментално живеам со сопругата и синот во Вухан кој патем речено има слична клима со Скопје. Зимите можеби се малку поблаги, но доволно е ладно да падне снег, значи температурите се под нулата. Бидејќи имаме мало дете, а и сопругата е зимурлива температурата ја држиме и ден и ноќ околу 23-24 степени во целиот стан кој е осумдесетина квадрати. Верувале или не повисока сметка од 5000 денари ми нема стигнато. А да не говорам дека стандардот овде е далеку повисок од кај нас, па следствено и многу е полесно да се плаќаат сметките. За гас цената е смешна. За некои наши сто до сто и педесет денари цел месец се капеме и готвиме. И гас и струја си плаќаме преку мобилен, а за гас можеш и да си дополнуваш припејд, колку пари сакаш толку. Мислам дека повеќе од ова нема потреба да објаснувам.
Како што почнав, така и ќе завршам. Доколку успееш да ме излажеш два пати, повеќе не си ти крив, одговорноста паѓа на мене. Дали ќе дозволиме и овие избори пак да бидеме излажани зависи само од нас. Некои луѓе се борат со целата душа да ни овозможат трета опција. Можеби претходно немавме за кого да гласаме, па моравме да избираме за помалото зло. Но, сега кога некој се мачи да ни понуди нешто искрено и да ни подаде рака, а се останато од нас зависи. Јас таа искреност ја препознав во политичката партија „Левица”. За вас – оставам на вашиот здрав разум.