Промоција на „Книжевни крстопати“ од Звонко Танески во Градската библиотека во Скопје

Денес (27 ноември) во 12 часот во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје ќе биде промовирана студијата „Книжевни крстопати“ од Звонко Танески. За книгата ќе говорат Ана Стојаноска и Лидија Танушевска.
„Книжевни крстопати(сведоштва од меѓукултурниот дијалог)“, во издание на Полица, суштински се занимава со дводомните автори на кои им припаѓа и самиот Танески, а кој повеќе од петнаесет години е активен дејствувач во две државни култури – македонската и словачката.
Книгата започнува со за приемот на јужнословенските книжевности во Словачка по 1989 година, од корпусот на т.н. „дислокациски автори“ чие книжевно творештво е еднакво добро „одомаќинето“ минимално во „два дома“ (независно дали ќе го согледаме феноменот низ призмата на нивните животни преселби или низ призмата на книжевниот превод што дополнително и уште посилно им го зацврстува присуството во сè поголемиот број различни јазични средини), а потоа се сосредоточувам исклучиво на македонската книжевност и прикажувам објективна и исцрпувачка рефлексија на неколкумина македонски книжевни великани во словачкиот културен простор – ќе подвлече авторот во предговорот.
Звонко Танески е моментално единствениот докажан академски стручњак во полето на словачко-македонските книжевни релации и во Македонија и во Словачка, а ангажиран е и како преведувач на познати словачки автори на македонски јазик, но и на автори и дела од македонската литература на словачки јазик.
-Објавувањето на неговото дело „Книжевни крстопати“ на македонски јазик е несомнено значајно и добредојдено во нашиот културен контекст, најпосле, и како своевиден поттик за уште поагилно вложување на авторот во доменот на презентацијата и афирмацијата на македонската литература и култура во странство – потенцира универзитетската професорка Лидија Танушевска.
Танески е роден 1980 година во Кичево. Дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје (2002). Остварил студиски престој на Универзитетот во Перуџа, Италија (2003). Докторирал на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Коменски“ во Братислава, подоцна уште докторирал и на Катедрата за превод и толкување на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра. На братиславската катедра ги предавал периодично предметите „Преглед од историјата на јужнословенските литератури“ и „Современа словачка поезија“ (2005-2007). Работел и како прв лектор по македонски јазик и литература на Катедрата за словенски филологии при Универзитетот Коменски во Братислава, Словачка (2004-2007 и повторно од 2015 до денес). Член е на повеќе книжевни, научни, и преведувачки асоцијации и здрженија, како и на уредувачките одбори на повеќе меѓународни списанија. Добитник е на повеќе домашни и странски награди и признанија, како за неговиот поетски, научен, така и за неговиот преведувачки опус, меѓу кои и наградата од министерот за надворешни работи и европски прашања на Р. Словачка за исклучителни заслуги за развојот на пријателските односи со Р. Словачка од областа на науката, културата и уметноста во 2018 година и др. Тој е и организатор и делегат на шеесетина литературни конференции и фестивали низ целиот свет, а, исто така, и раководител и соработник на неколку меѓународни научно-истражувачки проекти.
Промоцијата на книгата „Книжевни крстопати“ во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ е дел од богатата програма на Град Скопје – европска престолнина на културата за 2028 година.