Ванковска: Сакајќи да биде геополитички актер ЕУ стана слеп приврзок на Вашингтон

  • Во колумна за Нова Македонија, насловена „Извештај за напредокот на Европската Унија“, професорката  Билјана Ванковска, доктор на политички науки, редовна професорка на Филозофскиот факултет во Скопје го отвора прашањето за моменталниот функционирање на ЕУ. Таа смета дека војните во Украина и Палестина открија дека не постои објективно новинарство во рамки на ЕУ, го нагласува недостатокот на демократија при донесувањето на одлуки и дека лица кои немаат легитимитет ги претставуваат ставовите на граѓаните на ЕУ и додава дека сакајќи да стане геополитички играч, Унијата станала милитаризиран слеп приврзок на Вашингтон со изгубен морален компас. Во прилог ви го пренесуваме овој дел од Колумната на професорката Ванковска.

Украина и Палестина, се разбира, се само поводи, односно можности на површина да излезат сите фрактури на нагризената европска демократија. Полицијата секогаш тепа, со доза цинизам ќе каже брилијантниот германски професор Волфганг Штрик од институтот „Макс Планк“ во едно скорешно интервју. Во европските општества, кои би требало да се оази на човековите права, слободи и демократија, репресивните алатки се во сè почеста употреба. Медиумите ја вршат својата пропагандистичка улога, а новинарите сè почесто имаат избор меѓу самоцензура или отпуштање од работното место како неподобни. Во јавниот дискурс се наметнуваат наративи што се поларизирачки, со тоа што на „другата“ страна не ѝ се дава еднаков простор за дебата. Можеби еден од најскандалозните уреднички ставови со исламофобична содржина беше оној во т.н. манифест на германскиот „Билт“ (кој навистина е десничарски таблоид со неславна историја, но е и најчитан медиум во таа земја). Кога такво нешто би се објавило овде, тоа би бил скандал со невидени размери.

ЕУ се милитаризира, пардон ЕУ е веќе милитаризирана. Тоа е најзначајниот сигнал за аларм, за назадување и вртење кон темните времиња, кои мислевме дека се дел од минатото што опоменува. Сакајќи да биде геополитички актер, таа не само што го изгуби моралниот компас туку и својата независност. Сега е само слеп приврзок на Вашингтон. За помалку од две години, ЕУ го изгуби и својот идентитет, а го прегрна „атлантскиот“. Со други зборови, ЕУ стана економска и политичка филијала за НАТО (влијаејќи така и на државите што се членки на ЕУ, ама не се и членки на Алијансата). ЕУ веќе не е зона на мир, таа сака да зборува со јазикот на Студената војна (и чудно е колку лесно ја направи таа „транзиција“, речиси во миг ги облече шинелите на Нашите наспроти Вашите, т.е. сите други). Речникот што го користат првите луѓе на ЕУ (особено претседателката на ЕК и шефот на европската дипломатија) е не само милитантен, заканувачки (на пример, кон Кина), туку и отворено расистички (наративот за „џунглата“ и Европа што се штити од неа). ЕУ е носител на Нобеловата награда за мир, а на душа ги носи илјадниците мигранти чии коски лежат на дното на Медитеранот.

Демократскиот дефицит е иманентна одлика на политичкиот систем на ЕУ, но сега таа одлика добива засилени форми кога функционери без директен народен легитимитет (Урсула, за која често на врв на јазикот ми е името Круела), т.е. што не се избрани од европските граѓани, си земаат право да изразуваат ставови во име на „Европа“ во сферата на надворешната политика. Затоа не зачудува што дури и службениците во институциите на ЕУ беа вознемирени и почнуваа разни петиции и механизми на изразување на незадоволство. Но Круела се подготвува (како што разбравме) за позицијата генерален секретар на НАТО. Мора да вежба! За сенките на нејзината биографија поврзани со плагијаризам и корупција (уште како функционерка на Германија) не ни треба посебно да се елаборира.